Besar Ademi
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Национална галерија на Македонија, во објектот „Чифте амам“ во Скопје, оваа недела ќе биде отворена изложбата „Мојот универзум“. Делата изложени на оваа изложба се изработени од страна на учениците на неколку училишта од градот, вклучувајќи ги и лицата со хендикеп, и на тој начин се одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, јавува Anadolu Agency (AA).
Изложбата се состои од дела изработени на стакло и коноп, а целта е подигнување на свеста на јавноста за подобар третман на лицата со хендикеп и нивната социјализација, како и преку социјалната инклузија на овие лица да се развива чувството на толеранција и почит кон различностите.
Едукаторот во Национална галерија на Македонија, Маја Димитрова, за АА вели дека преку овие ликовни работилници, тие го ослободиле својот креативен потенцијал и изработиле преубави ликовни дела во различни техники, изразувајќи ги своите идеи, мисли, чувства и визии, создавајќи свои светови, покажувајќи го нивниот универзум.
„Целта е поблиску да ги запознаваме лицата со хендикеп. Зборуваме, слушаме за нив, но многу ретко се среќаваме во редовниот живот или во случајов, учениците во редовната настава. Мислам дека токму преку овој модел, како што е социјалноата инклузија, нема подобар начин да бидат поблиску едни до други. И не само тоа, туку да се учат на почит, и на толеранција, на меѓусебно прифаќање и помагање“, рече Димитрова за АА.
Димитрова додаде дека нема подобар начин од овој за да бидеме поблиску едни до други, имајќи предвид дека во денешно време сите се полни со некои стереотипи и предрасуди.
Организаторите на изложбата „Мојот универзум“ сметаат дека за да бидеме општество во кое секој поединец ќе има еднакви права и можности, без оглед на индивидуалната различност, неопходна е социјалната инклузија на лицата со хендикеп.