Кемал Зорлак
Интересно е и сосема тешко да се објасни колку е површно истражено и во колкава мера останала скромна, речиси занемарена, пишана или друга документирана трага за истакнатиот босанско-херцеговски хуманист, праведник, ориентолог, докажан и вистински антифашист, личност со неверојатна интелектуална ширина и колосален ум, но пред сѐ, човек, каков што беше Дервиш Коркут.
Името на овој истакнат интелектуалец, истанбулскиот и сорбонскиот студент, брат на Бесим Коркут, преведувач на Куранот на босански јазик, човек кој кон почетокот на минатиот век говорел неколку странски јазици, најчесто се спомнува во контекст на спасување на Сараевската хагада од Земскиот музеј (Националниот музеј) на БиХ во годините од Втората светска војна. Иако бројот на официјални податоци за самиот чин на спасување на Хагада е прилично скромен, Дервиш Коркут, кој во тоа време ја извршувал функцијата на кустос и главен библиотекар на музејот, заедно со тогашниот директор на оваа установа, Језо Петровиќ, се смета за клучна личност во спасувањето на овој вреден илуминарен кодекс кој потекнува од средновековна Шпанија.
Сепак, спасувањето на Хагада е само еден фрагмент во брилијантната и беспрекорна биографија на Дервиш Коркут. Заедно со сопругата Сервет, во 1942 година во Сараево ја спасил младата Еврејка Мира Папо, чии родители се однесени во логор. Семејството Коркут ја примило Мира во својот дом, ја облекле како муслиманка, ја нарекле Амира и ѝ кажале дека е Албанка која ја испратиле нивните роднини од Косовска Митровица, да им помага во куќа. Мира така преживеала, а подоцна им се приклучила на партизаните. Дервиш Коркут и неговата сопруга Сервет поради нивниот храбар и хуман чин на спасување на Хагада и младата Еврејка Мира Попо прогласени се за Праведници меѓу народите со највисоко израелско државно признание за не-Евреи, односно припадници на други народи кои ги спасувале Евреите од истребување во текот на холокаустот, ризикувајќи ги притоа сопствените животи.
Но Коркут својата хуманост ја покажа и многу претходно. Во заштита на правата на домашните Евреи стоеше уште во 1920 година, кога јавно го крена гласот против обидот на тогашните власти на Југославија со погрешно толкување на законот, на Евреите да им се одземе правото на глас. Во зборникот „Нашите Евреи“ од 1941 година, го објави трудот под наслов „Антисемитизмот им е туѓ на муслиманите во БиХ“, во време кога Евреите беа на голем удар на Хитлеровата Германија која тогаш зад себе оставаше пустош. Истата година напиша елаборат во кој ја нагласува теоријата дека Ромите се составен дел од муслиманскиот народ, за Министерството за внатрешни работи на тогашната НДХ да го усвои тој елаборат и да нареди запирање на прогонот на Ромите.
- Камберовиќ: „Коркут е значајна личност на историјата на БиХ“
Хуснија Камберовиќ, историчар и професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево, во разговор за АА истакнува дека Дервиш Коркут без каков било сомнеж е значајна личност на босанско-херцеговската историја.
„Дервиш Коркут е важна личност во нашата историја. Човек кој ја докажал својата хуманост и човечката определба во најтешките времиња, а тоа е нешто што би сакале и да биде, симбол на босанско-херцеговското општество и симбол на босанско-херцеговската историја, нешто што сакаме да го испратиме во светот. Поради тоа, според мое мислење, Дервиш Коркут е пример кој треба, поради нашето минато, но и за нашата иднина, да го вратиме на историската сцена и на некој начин да го рехабилитираме“, нагласува Камберовиќ.
Говорејќи за случајот со Хагада, односно кои се историските факти со кои се располага кога станува збор за нејзиното спасување, Камберовиќ истакнува дека она што сигурно се знае е дека Хагада на почетокот на војната била во Земскиот музеј, во кој во тоа време Дервиш Коркут бил главен библиотекар. Кај него, како главен библиотекар, се наоѓале реверзи за Хагада до крајот на 1943 година, кога тој ја предал на новоименуваниот директор Војсил Чурчиќ, по што Хагада е похранета заклучена во сефот на Народната банка, а во август 1945 година, повторно е вратена во Земскиот музеј.
„Сето останато што се врзува за спасување на Хагада е наратив, приказна, и за тоа постојат различни верзии. Една верзија е дека клучното лице кое ја спасило Хагада е тогашниот директор Петровиќ, за кого се врзува и таа приказна дека многу добро се снашол кога германски генерал дошол и ја побарал Хагада, а тој одговорил дека ја однел некој друг офицер. На прашањето како се вика тој офицер, одговорил: „Како можам да прашам еден германски офицер како се вика?“. Втората приказна е дека токму Дервиш Коркут ја изнесол од зградата на Земскиот музеј и ја префрлил некаде надвор од Сараево. Постои и трета можност, за која верувам дека е можна, а тоа е дека Хагада можела да остане во Земскиот музеј, но дека е сместена некаде каде што никој не можел да ја најде. Ако е тоа точно, а ми се чини дека таа трета верзија би можела да биде најблиска до вистината, тогаш повторно тука Дервиш Коркут би бил клучната личност, затоа што како главен библиотекар бил задолжен за библиотеката“, појаснува Камберовиќ, потсетувајќи дека Коркут по војната никогаш не зборувал за спасувањето на Хагада.
Новата власт веќе во мај 1945 година со пофални зборови зборува за управата и луѓето кои работеле во Земскиот музеј и нивниот придонес во спасувањето на културното наследство. Во весникот „Ослободување“ (Oslobođenje) тогаш е објавен текст во кој е претставена приказната за нота, а новинарите во посебно истакнат пасус наведоа дека особено многу во спасувањето на предметите во библиотеката на Земскиот музеј направил главниот библиотекар. Не е наведено името, но секако дека било познато дека се работи за Дервиш Коркут.
Претседателот на Еврејската заедница во БиХ, Јакоб Финци, исто така смета дека „Дервиш Коркут бил една исклучителна личност, некој кој пред речиси 100 години говорел неколку јазици, преведувал, пишувал, целиот живот работел со книги и околу книгите, некој кој, на крајот, како кустос на Земскиот музеј, ја спасил Хагада“.
Во тој контекст, Финци наведува дека и тој верува во теоријата која ја разработил некогашниот шеф на библиотеката на Земскиот музеј, Кемал Бакрешиќ, а тоа е дека Хагада всушност цела војна ја поминала во музејот, скриена меѓу стотици илјади други книги во музејската библиотека.
„Однадвор кога ја гледате, тоа е многу неугледна книга, заврзана во картонска подврска, во Виена во 1885 година, кога таму се истражувала. На око, навистина не изгледала ниту малку атрактивно. Била реалтивно од мал формат и како таква никого не го интересирала“, појасни Финци.
„Сараевската хагада е меѓу најзначајните експонати кои денес се во Земскиот музеј на БиХ, а со самото тоа се заклучува колку значаен и храбар бил чекорот да се спаси овој ракопис во периодот на Втората светска војна, кога бил изложен на директна опасност“, вели Андријана Правидур, виш кустос во Земскиот музеј.
„Благодарејќи на дејствувањето на луѓето во управата, Јозе Петровиќ, тогашниот директор и неговиот современик Дервиш Коркут, кој со својата храброст и посветеност кон културното наследство ја работеле својата работа, ние денес стоиме во Земскиот музеј. Сево ова го наследивме, бидејќи тие успеале да го сочуваат“, наведува Правидур, истакнувајќи дека станува збор за луѓе кои имале голема одговорност кон културното богатство.
- Антифашист на кого му е „докажана“ соработката со окупаторот -
Дервиш Коркут е премер на човек кој многу добро знаел во чија животна филозофија длабоко биле вкоренети хуманоста, добрината, солидарноста, моралот, цивилизираноста, човечкото достоинство.
Има многу примери во кои безусловно се ставал на страната на малцинството, на страната на послабите и загрозените. Верувал дека пружањето помош е обврска кон човекот, без оглед на која вера припаѓа. Сето наведено, Коркут го правел во моменти кога со себе носел сериозен ризик за неговиот, но и ризик за неговото семејство. „Коркут“ на турски јазик значи „човек кој влева страв“, но Дервиш, се чини, бил човек кој за овоземскиот страв не знаел. Неговиот карактер, сепак, го опишувало неговото име, кое на персиски значи „скромен, побожен“.
Кога ќе се согледа сето она што го работел Коркут, кон што тежнеел, и она што била неговата животна определба, може да се каже дека бил вистински и докажан антифашист; неговиот живот, без каков било сомнеж претставува најсветол пример на антифашизмот како универзална вредност.
Тешко е да се сфати како тоа можело да се случи, но Дервиш Коркут непосредно по војната се нашол на обвинителна клупа, под обвинение дека бил „соработник на окупаторот“. Во септември 1947 година почнало судењето на муслиманските научници и интелектуалци, на чело со Касим ефенди Добрач, а меѓу нив бил и Дервиш Коркут. Во обвинението стои дека Касим Добрача, Дервиш Коркут, Касим Турковиќ, Јусуф Тановиќ и Мехмед Манџиќ „во текот на окупацијата се ставиле во служба на фашистичка Германија“ и дека по војната формирале илегална оганизација. На Дервиш Коркут, докажаниот антифашист, на суд му е „докажано“ дека соработувал со фашисти. Осуден е на осум години затвор.
Камберовиќ појаснува дека тука, без каков било сомнеж, се работи за монтиран процес. Нагласува дека оваа судска постапка е битно да се гледа во нејзиниот контекст, всушност, не станува збор за 1945 ниту за 1946 година, туку тоа е период на 1947 година, кога е започната иницијатива за избор на нов реис-л-улема, со оглед на тоа дека Фехим ефенди Спахо, починал на должност во 1942 година.
„За тоа многумина пишуваа, јас се согласувам со тие тези, дека тоа всушност е поради избор на нов реис-л-улема, кога југословенските власти подготвуваа терен за да помине нивен кандидат. Требаше, и тоа не е комунистички изум, тоа беше правено помеѓу двете војни, да се елиминираат оние за кои се претпоставуваше дека би можеле да бидат сериозни противкандидати. Мислам дека Касим Добрача и Дервиш Коркут, поради сето тоа, поради своето минато, поради своето знаење кое го имаа, беа или можеа да бидат сериозни кандидати за реис-л-улема“, вели Камберовиќ, и истакнува:
„Токму тука треба да се бара причината зошто е започната таа судска постапка, бидејќи постапката од 1947 против Добрача и Коркут е навистина монтирана. Ако имало монтирани процеси, а не беа сите, ова е можеби најдобар пример за еден таков монтиран процес.“
Се додава дека обвиненијата на сметка на Коркут биле во потполност бесмислени, помеѓу другото, му се ставало на товар дека бил во контакт со ерусалимскиот муфтија Мухамед ал Хусеин, всушност, станува збор за политички монтиран процес. Коркут очигледно поради својот углед и образование, можел да биде сериозен противкандидат за реис-л-улема.
- Мира Папо сакала да сведочи во корист на Дервиш Коркут -
Финци потсетува дека Мира Папо, која семејството Коркут ја спасило во текот на војната, а која ослободувањето го дочекала како мајор на ЈНА, кога слушнала дека му се суди на Дервиш Коркут, сакала на судењето да се појави како сведок на неговата одбрана.
„Таа, според приказната која ја знам, не можам да гарантирам дека е така, била повикана да сведочи во корист на Дервиш Коркут, секако, сакала тоа да го направи. Но ѝ се заканувале дека ќе остане без работа, дека ќе биде отпуштена од војска. Можете да замислите некој кој е млад војник, веројатно комунист, во тоа време по војната на суд да брани „колаборационист““, вели Финци.
Според неговите зборови, Мира тоа себеси никогаш не си го простила и во 1948 година, откако е формирана државата, се отселила во Израел, но никогаш не го заборавила семејството Коркут. Тоа што исто така е интересно е тоа како во текот на војната во Косово, ќерката на Коркут, Ламија, која тогаш таму живеела е евакуирана во Израел, токму поради тоа што нејзиниот татко и мајка „биле предавници кога за тоа било време“.
„Дервиш Коркут целиот свој живот бил исклучително чесен човек, сѐ што правел, го правел чесно, со многу совест и желба“, истакнува Финци.
Камберовиќ додава дека дошло време личности како што е Дервиш Коркут на вистински начин да се афирмираат, бидејќи како што истакнува, Бошњаците во своето минато имаат голем број луѓе со неизвалкана кариера, неизвалкана биографија, а биле жртви на монтирани процеси. Вели дека по малку е лут на оние кои во современиот период се обидуваат да ги рехабилитираат оние кои, сепак, биле одговорни за некои работи и во Втората светска војна.
Од сево ова наведено, може да се заклучи дека Дервиш Коркут е персонификација на Босна и Херцеговина, со сите различности и убавини со кои е проткаен нејзиниот идентитет. За Дервиш Коркут сега, 50 години од неговата смрт, многу малку се знае. Апсурдно е што денес е можно да се прочита текст за спасување на Хагада без спомнување на неговото име. А Коркут е човек кој заслужи многу повеќе. Неговата животна приказна не заслужува ништо помалку почит од приказната за Оскар Шиндлер, кој спасил животи на повеќе од 1.000 полски Евреи во текот на холокаустот, за кого кој е снимен филмот „Шиндлеровата листа“, и кој е награден со седум Оскари.
На крај, големината на Коркут можеби најдобро ја опиша неговиот најголем биограф Алија Бејтиќ, кој во 1974 година ја објави монографијата, во која за Дервиш Коркут се вели: „Кога би ни било дадено умовите на луѓето што умираат да можат да се сочуваат со висока цена, и понатаму да дејствуваат, да ги збогатуваат генерациите кои растат, меѓу луѓето од тој вид би се нашол и Дервиш Коркут, јавен работник, научник, ориенталист, педагог, и особоено извонреден познавач и на оние поситните гранки на животот и обичаите на босанско-херцеговските муслимани.“
news_share_descriptionsubscription_contact
