Ivana Ramadanova
22 Јуни 2016•Ажурирај: 23 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Британскиот уметник Дејмиен Хрст вечерва во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје ја отвори својата изложба насловена како „Нова религија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставувањето на Хрст, кој важи за еден од највлијателните, најиновативни и најуспешни светски уметници, во Музејот на современата уметност во Скопје е реализирано во соработка на Британскиот совет, галеријата „Пол Столпер“ од Лондон и Министерството за култура и претставува прво гостување на овој уметник во Македонија.
Со изложбата Британскиот совет одбележува 20 години дејност во Македонија, и е трета голема изложба што ја организираат заедно со МСУ во последните четири години.
Куратор на изложбата е Пол Столпер, а постановката првпат е изложена во неговата галерија во Лондон во 2005 година. Хрст почнал да работи на неа во 2004 година и била осмислена како збирка графики, но подоцна ја надополнил со нови дела и техники.
„Размислувам дека во животот има четири важни работи: религија, љубов, уметност и наука… Од сите нив науката се чини дека е онаа која во моментов е најактуелна. Исто како и религијата, таа дава некаква надеж дека на крајот, можеби, сè ќе биде како што треба, напишал Хртс во 2006 година за „Нова религија“.
Дејмиен Хрст е еден од најпознатите уметници во светот и истакнат член на групата позната како „Млади британски уметници“ (Young British Artists – YBAs) која доминираше со уметничката сцена на Велика Британија во текот на 90-те години. Роден е во Бристол. Студирал на Jacob Kramer College of Art, Leeds (1983 – 1985 година) и на Goldsmiths College, University of London (1986 – 1989). Идеен творец е на групната изложба наречена „Freeze“ во 1987 година и исто така се јавува во улога на нејзин кустос. Генерално се смета дека оваа изложба ги отворила вратите не само на Хрст, туку и на цела една генерација британски визуелни уметници.
Од крајот на осумдесеттите години, Хрст користи разни комбинации инсталации, скулптури, слики и цртежи за да ги истражува сложените односи помеѓу уметноста, животот и смртта. Низ своите дела тој ги истражува современите системи на верување и им поставува предизвици, при што ги сецира неизвесностите во срцето на човековото искуство. Од 1987 година досега низ целиот свет се прикажани повеќе од 80 самостојни изложби на Дејмиен Хрст, а неговите дела беа составен дел на повеќе од 260 групни изложби. Хрст е добитник на Тарнеровата награда во 1995 година.
Изложбата „Нова религија“ ќе биде отворена до 11-ти август. Досега има гостувано во повеќе земји во Европа и регионот.