Admir Fazlagic
27 Мај 2016•Ажурирај: 29 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје во присуство на љубителите на стрип цртежите и анимираните филмови, беше прикажан краткиот анимиран филм „Реквием за Пинокио“ на босанскиот режисер и стрип-цртач Берин Тузлиќ од Сараево, а беше отворена и стрип изложба базирана на истоимениот филм, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред вечерашната публика Тузлиќ изрази задоволство поради заинтересираноста за настанот на кој има можност да претстави дел од своето творештво, истакнувајќи дека Скопје го чувствува како свој град.
„Често доаѓам во Скопје. Ова е филм нешто што има некои свои резултати, завршен е во февруари, прикажан на филмскиот фестивал во Кан, а филмот исто така добри награда на филмски фестивал во Калифорнија, во категоријата на краток анимиран филм", изјави Тузлиќ.
Босанскиот режисер Тузлиќ за својот краток анимиран филм „Реквием за Пинокио“ вели дека има напишано, дека се работи за емотивна приказна, која го потсетила на почетокот на војната во Босна, и неговото чувство како дете, кога, како што вели „целиот свет ми се промени потполно, и тоа преку ноќ".
„Реквием за Пинокио“, според режисерот Тузлиќ е молитва за сите возрасни души, кои го чекаат „Судниот ден“, кога, како што наведува „ќе застанат пред Рајот со кренати глави, каде ќе им свети или вечна светлина или ќе паднат во мракот на пеколот. А, во овој филм, тоа ќе им го одредат децата!"
Берин Тузлиќ е роден во 1968 година, во Сараево, и се образувал во областа на анимацијата, во родната Босна, а потоа во Франција, Канада, Данска и Хрватска. Специфично за творештвото на режисерот Тузлиќ се продуцираните кратки анимирани арт филмови, со кои учествувал во над 20 меѓународни фестивали низ целиот свет: од Франција, Јапонија, САД, Кина и регионов.
Автор е на 50 стрип албуми, 50 музички видео спотови, 30 кратки анимирани филмови, над илјада минути адвертајзинг анимации. Меѓу другото, Тузлиќ е директор на маркетинг агенција во Босна, „Виа Медиа“, основач на здружението за уметност и визуелна комуникација „Пиксел“, а за неговата сестраност потврда се и музичките изданија реализирани со неговиот бенд „Безбели апстраклије“ и проектот „Драмелоди“, комбинација на ритам, анимација, видео и „лупови со поинакви звуци и музички аранжмани“.