Husamedin Gina
03 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија, ќе се претстават на годинашното 34-то издание на Саемот на книгата што се одржува во Арената „Борис Трајковски“ од денеска до 9 мај, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, но и многу промоции и попусти. Сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година.
Освен редовниот термин на одржување, годинава се враќаат и групните посети за учениците од средните и основните училишта. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.

Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори.
Фокусот годинава е ставен на детската литература, односно на привлекување на најмладите читатели.
- Турција ќе има значајно претставување преку „Јунус Емре“
Значајно претставување оваа година ќе има и Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре”.
Во изјавата за Агенција Анадолија (АА), Али Одабаш, генералниот директор за библиотеки и публикации при Министерството за култура и туризам на Република Турција, истакна дека на Саемот на книгата во Скопје учествуваат со цел да се промовира турската култура и литература и да се развијат можностите за соработка во областа на издавачката дејност.
„Како Министерство, како Генерален директорат за прв пат учествуваме на Саемот на книгата во Скопје. Ова за нас е големо задоволство, ние се наоѓаме во средина во која не се чувствуваме како странци, се чувствуваме како да сме во Истанбул, како да сме во Бурса, како да сме во кој било град во Турција, како да сме дома“, нагласи Али Одабаш.

Според директорот Одабаш, на Саемот ќе бидат изложени околу 500 дела од престижни публикации на Министерството за култура и туризам на Турција, турски литературни дела објавени на странски јазици со поддршка на проектот ТЕДА и актуелни изданија.
Во рамките на проектот ТЕДА, што обезбедува финансиска поддршка за превод и објавување на турски литературни дела на странски јазици, обезбедена е поддршка на 3.495 дела на 60 различни јазици во 85 различни земји.
Електронските билети за Саемот можат да се купат преку веб страницата „www.karti.com.mk“, а влезници можат да се купат и на билетарата на Арената „Борис Трајковски“.
Саемот на книга е под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија.