Admir Fazlagic
19 Мај 2019•Ажурирај: 20 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претставничката на Северна Македонија, Тамара Тодевска со песната „Proud“ („Горда“) го освои осмото место во финалето на 64. издание на Евровизија, во Тел Авив во Израел, што е најдобриот пласман на земјава во досегашното евровизиско натпреварување, јавува Anadolu Agency (AA).
Северна Македонија освои вкупно 295 бодови, од кои 58 од публиката, а останатите од стручното жири.
Во вечерашното финале се натпреваруваа 26 земји, а првото место го освои Холандија, која беше претставена од Данкан Лоренс со песната „Аркада", која освои вкупно 492 поени.
Од земјите од регионот, по Северна Македонија, најдобар пласман имаше Словенија која го освои 13-то место, додека Србија 17-то, Албанија 18-то и Грција 21- место.
Специјална гостинка на евровизиското финале беше светската поп ѕвезда Мадона, која настапи со две песни во придружба на хор и раперот Кваво.
Инаку, песната „Proud" со која се претстави Северна Македонија на Евровизија е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, автори на музиката и аранжманот, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска, додека спотот го режираше Чедо Поповски.