Furkan Abdula
23 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – Турскиот институт „Јунус Емре“ во Скопје денес ја одржа втората средба во рамките на проектот „Од мајсторот до чиракот“, кој има за цел повторно заживување на веќе заборавените традиционални занаети коишто се во исчезнување, а денешната средба беше посветена на папуџискиот занает. Мајстор Фарук Шабан ги сподели своите искуства со присутните љубители на уметноста и на старите занаети на овој настан, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот „Јунус Емре“ од Скопје посветува особено внимание на занаетчиската дејност и на занаетчиите, а со овој проект има за цел да се споделат и да се пренесат искуствата на занаетчиите од Старата турска чаршија со младите генерации.
Заменик-директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Фуат Коркмаз, истакна дека овој проект е посветен на уметноста, културата и на занаетот, и пренесе дека првата средба била посветена на златарскиот занает, каде што љубителите на овој занает имале можност подетално да се информираат за него.
„Денес ја организираме втората средба во рамките на проектот 'Од мајсторот до чиракот'. Во Старата скопска чаршија освен златарскиот занает, постојат и други занаети како копаничарство, кројачкиот занает и папуџиство. Нашата денешна средба е посветена на папуџискиот занает, а мајстор Фарук Шабан ќе ги пренесе своите искуства“, истакна Коркмаз.
Коркмаз нагласи дека во следниот период ќе ја организираат и третата средба во рамките на овој проект, со што ќе заврши проектот посветен на уметноста, занаетот и на културата.
Од друга страна, мајстор Фарук Шабан истакна дека откако го завршил своето основно образование, во 1966 година се запишал на занаетчиска школа, каде што три години бил обучуван за папуџија.
„Работев во чаршијата. Во младите години бев чирак кај чичко ми, а потоа во текот на мојата обука за папуџиство беше периодот кога бев калфа. Потоа работев сам во дуканот што татко ми го отвори“, рече Шабан.
Мајстор Шабан нагласи дека веќе нема чираци, и истакна дека во последните 15 години никој не покажал интерес за да го научи овој занает.