Jeyhun Aliyev
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Турската традиционална калиграфија, позната и како Хусн-и Хат, е додадена на Листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, објави во средата Министерството за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашето национално досие за номинација на традиционалната калиграфија Хусн-и Хат во исламската уметност во Турција е впишано на репрезентативната Листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, за време на 16. седница на Меѓувладиниот комитет за заштита на нематеријалното културно наследство, одржана онлајн во периодот меѓу 13 и 18 декември 2021 година“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Министерството истакна дека бројот на елементите од културното наследство на земјата запишани на списоците достигнал 21.
„Одлучно ќе продолжиме да ги чуваме, негуваме и промовираме нашите богати културни вредности наследени од нашата длабоко вкоренета историја“, се додава.
Хусн-и Хат е вековна практика на пишување букви од арапско потекло на одмерен и пропорционален начин, притоа земајќи предвид одредени естетски вредности.
Традиционалната калиграфија, според УНЕСКО, може да биде напишана на хартија или кожа, а може да се примени и на камен, мермер, стакло и дрво.