Behlül Çetinkaya
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Турција го поздрави договорот што соборениот судански премиер го потпиша со началникот на Aрмијата на земјата, со кој ќе биде вратен на функцијата речиси еден месец откако беше соборен со државен удар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, турското Министерство за надворешни работи истакнува дека Турција е задоволна од договорот постигнат меѓу Абдала Хамдок и генералот Абдел Фатах ал Бурхан,челникот на владејачкиот Воен совет, ставајќи крај на повеќенеделната криза која се закануваше да ја поткопа политичката транзиција на земјата.
„Ја нагласуваме важноста да се земат предвид очекувањата на сите сегменти од суданскиот народ и да се зачува мирот и стабилноста во земјата во овој чувствителен процес низ кој минува Судан“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека Турција ќе продолжи да стои на страната на Судан и суданскиот народ.
Договорот од 14 клаузули предвидува дека политичката декларација во 2019 година ќе биде основа за транзицијата во Судан, и дека изборите ќе се одржат во 2023 година како што е предвидено. Тој, исто така, предвидува Хамдок да формира независен „технократски кабинет“ кој ќе биде предводен од него додека не се одржат изборите.
Договорот, исто така, повикува на формирање на сите преодни институции, вклучително законодавното Собрание и Уставниот суд, и назначување на државен обвинител и врховен судија.
Пред военото преземање, Судан беше управуван од Суверен совет на воени и цивилни службеници, кои го надгледуваа периодот на транзиција до одржувањето на изборите во 2023 година, како дел од договорот за поделба на власта меѓу војската и Алијансата на Силите за слобода и промени (FFC).