Elena Trenchevska Chekovic
25 Октомври 2025•Ажурирај: 28 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Храмот Мединет Хабу, една од најзначајните древни градби во Египет, им нуди на посетителите патување низ периодот на фараоните со историјата на една династија врежана на неговите камени ѕидови, јавува Анадолу.
Издигнат со масивни столбови и статуи, храмот е изграден пред околу 3.000 години на западниот брег на реката Нил во Луксор. До него може да се стигне со брод или преку неодамна изградениот мост.
Посетителите кои доаѓаат минуваат покрај кралски гробници и древни урнатини пред да стигнат до високите ѕидови на храмот Хабу, каде што живописните бои и релјефите се извонредно зачувани.
Храмот бил нарачан од фараонот Рамзес III (1184–1153 пр.н.е.) од 20-тата династија за ритуали во чест на богот Амун и за кралски погребни церемонии. Комплексот, исто така, вклучува остатоци од кралска палата, магацини и административни згради.
Во близина се наоѓа уште еден храм изграден за време на 12-та династија од кралицата Хатшепсут и кралот Тутмос III, како и гробници на „светите“ жени на богот Амон-Ра кои датираат од 25-та и 26-та династија. Храмот бил директно поврзан со Нил преку канал.
Египетскиот археолог Мегди Шакир за Агенција Анадолу изјави дека „Хабу“ означува заштита, фестивали или религиозни ритуали, симболизирајќи бесмртност и задгробен живот. Некои истражувачи го поврзуваат името со Аменхотеп, син на Хабу – висок советник на фараонот Аменхотеп III - додека други го поврзуваат со свештеник кој некогаш живеел во областа.