Erbil Başay
19 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
БЕРЛИН (АА) - Портпаролот на германската Влада, Стефан Зиберт, изјави дека договорот за реадмисија на бегалците, постигнат пред две години меѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција, е заеднички успех, јавува Anadolu Agency (AA).
Зиберт истакна дека овој договор, исто така, придонел во борбата против криумчарите со луѓе.
„Од аспект на германската Влада, договорот за бегалците постигнат меѓу ЕУ и Турција е заеднички успех за Европа и за Турција“, рече Зиберт.
Тој додаде дека откако договорот стапил на сила, бројот на мигранти кои во обид да преминат во Грција се удавиле во Егејското Море е намален.
Зиберт рече дека ЕУ продолжува да организира проекти во Турција и ќе продолжи со тоа, истакнувајќи дека финансиската помош ќе помогне во подобрување на животниот стандард на бегалците кои се наоѓаат во земјата.
Говорејќи за продолжувањето со германската контрола на границите, Зиберт истакна дека Шенгенскиот договор, кој овозможува слободно движење во регионот, е предност и дека треба да се чува.
Тој додаде дека поради тоа што чувањето на надворешните граници на ЕУ не е совршено, германската канцеларка Ангела Меркел и германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зихофер, донесоа одлука за продолжување на контролата на германските граници.
Германија воведе гранична контрола по 2015 година, по порастот на бројот на бегалците во таа земја.