Emin Avundukluoğlu
15 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
АНКАРА (АА) - Поголем дел од европските земји се вознемирени од економскиот раст на Турција, изјави денес турскиот министер за труд и социјала, Мехмет Муезиноглу. „Германија, Холандија и голем дел од европските земји се сериозно вознемирени поради големиот економски раст и развој на Турција во последните години“, истакна министерот Муезиноглу, кој беше гостин на уредничкиот колегиум на Anadolu Agency (АА).
„Ние тоа јасно можеме да го забележиме, особено од протестите во паркот Гези во 2013“, изјави тој, осврнувајќи се на релативно малите демонстрации во паркот Гези во Истанбул, кои прераснаа во национален бран на протести против владата, во кои на крајот загинаа осуммина демонстранти и еден полицаец.
Протестите избувнаа откако владата сакаше во дел од паркот во центарот на Истанбул да изгради трговски центар. Планот за развивање и изградба на објект од османлискиот период во паркот Гези стана фокус на демонстрациите, во кои демонстрантите се судрија со полицијата во повеќе градови, предизвикувајќи штета на јавниот и на приватниот имот, според турското Министерство за здравство.
Владата подоцна ги означи демонстрациите како обид за соборување на државата од страна на припадниците на таканаречената „паралелна структура“ во системот на полицијата и судот, предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД.
Муезиноглу исто така ги обвини европските земји за вмешаност во настани поврзани со Турција.
„Тие стојат зад сиот развој на настаните насочени против Турција, дали како поддржувачи или како организатори“, рече тој.
Изјавата на министерот доаѓа откако некои земји од ЕУ им забранија на турските министри да држат митинзи за претстојниот референдум за уставни измени во Турција, закажан за 16. април.
Холандските власти во саботата ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и министерката за семејна и социјална политика на таа земја, Фатма Бетул Сајан Каја, во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во Холандија, како и да се состанат со турската заедница во Холандија. Во придружба на полицијата, Каја беше вратена во Германија, од каде што вчера допатува во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција претходно го осуди спречувањето на посетата и побара амбасадорот на Холандија, кој моментално е на одмор, извесно време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Во саботата, холандската полиција со употреба на сила ја растера толпата граѓани кои протестираа против задржувањето на возилото на министерката Каја, но протестите на улиците на Ротердам продолжија.