Şerife Çetin
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс, истакна дека одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за признавање на Ерусалим како главен град на Израел е жална, и додаде дека Европската Унија (ЕУ) треба да има поактивна улога во мировниот процес на Блискиот Исток, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рејндерс во изјава за „Radio 1“ (Радио 1) во Белгија, нагласи дека белгиските дипломати јасно им пренеле на американските претставници дека ова е многу лоша одлука.
Рејндерс истакна оти одлуката на Трамп околу Ерусалим може да предизвика насилства, и додаде дека единственото решение е да се воспостави дијалог меѓу Израел и Палестина.
„ЕУ треба да има поактивна улога во мировниот процес. Имаме значајна позиција како најголем трговски партнер на Израел и како еден од основните поддржувачи на палестинската Влада“, изјави Рејндерс, нагласувајќи дека одлуката на администрацијата на САД го отежнува мировниот процес.
Рејндерс истакна дека единственото решение меѓу Израел и Палестина е дводржавното решение, и пренесе дека ЕУ треба да се активира во обезбедувањето директна комуникација меѓу двете страни.
- „САД почнаа сами да одлучуваат“ -
Од друга страна, Рејндерс истакна дека не е изненаден од одлуката на администрацијата на САД, и додаде дека ова е едно од ветувањата што ги даде претседателот Трамп за време на изборната кампања. Според него, Трамп се обидува да ги исполни и ветувањата околу Парискиот климатски договор, како и околу договорот за иранската нуклеарна програма.
„Забележуваме дека кога САД донесуваат одлука за надворешните политики, не ги вклучуваат своите сојузници. Администрацијата на САД донесува еднострани одлуки“, истакна министерот за надворешни работи на Белгија, Рејндерс.