Sinan Uslu
04 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
ЗОНГУЛДАК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека истакнувањето на знамињата на северноирачката Курдска регионална влада на објектите на јавните институции во Киркук e погрешна постапка, јавува Anadolu Agency (AA).
„Го сметам за погрешно истакнувањето други знамиња во Киркук освен националното знаме. На Курдската регионална влада во северен Ирак ѝ порачувам што е можно поскоро да ја поправат оваа грешка“, истакна Ердоган во своето обраќање на свеченото отворање на инфраструктурен проект во турскиот град Зонгулдак.
„Нека знаат оние чие е знамето, дека со ова предизвикуваат сепаратизам“, истакна турскиот претседател.
Од друга страна, американскиот амбасадор во Ирак, Даглас Силимен, изјави дека САД го поддржуваат суверенитетот на Ирак и дека актуелниот проблем со знамињата на северноирачката Курдска регионална влада на зградите на јавните институции во Киркук само го одвлекува вниманието и концентрацијата од борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Курдските претставници во регионалното собрание во Киркук минатата недела еднострано ја изгласаа одлуката и покрај ирачкото знаме на зградите на институциите го поставија и знамето на северноирачката Курдска регионална влада.
Ирачкиот парламент потоа ја изгласа одлуката која им налага на властите на Киркук да го тргнат знамето, но канцеларијата на гувернерот на Киркук соопшти дека нема да ја имплементира одлуката на парламентот во Багдад.