СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари телефонски разговор со Канцеларот на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека двајцата соговорници разменија мислења околу последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза по одлуката за затворање на Балканскиот коридор.
Претседателот Иванов ја информирал германската канцеларка за инцидентот што се случи на 14 март 2016 година на јужната гранична линија и обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија.
"Двајцата соговорници го осудија инцидентот, при што канцеларката Меркел изрази поддршка на борбата против илегална миграција и се согласи дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп во Идомени. Во тој контекст, Меркел истакна дека мора да престанат обидите за илегално минување на границата, како и поттикнувањето на илегалната миграција", пишува во соопштението.
Се наведува и дека претседателот Иванов ја информирал канцеларката Меркел дека македонските безбедносни сили спроведоа навремена, успешна и одговорна реакција без употреба на сила и побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија.
"Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија доследно ќе ја почитува одлуката за затворање на балканскиот коридорот за илегални премини и дека македонските безбедносни институции и во иднина ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците. Во тој контекст македонскиот претседател повторно упати покана до Германската федерална гранична полиција да биде дел од полицискиот контингент на ЕУ на јужната и северната граница на Македонија", се истакнува во соопштението од Кабинетот на претсетелот Иванов.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за да превенира евентуални повторни обиди за илегален влез.
"Со цел успешно справување со заканите од илегална миграција, претседателот Иванов го реафирмираше барањето за поголема политичка поддршка од ЕУ, за поголема логистичка помош од Европската комисија, како и барањето на опрема за заштита на границата и за регистрација на мигранти. Воедно, македонскиот претседател ја истакна потребата од зголемување на заедничката соработка меѓу разузнавачките служби за заканите и ризиците, преку дозволен пристап на земјите кои се дел од транзитниот коридор до збирките на податоци на телата на Унијата" ,стои во соопштението.
Од Кабинетот на претседателот Иванов информираат и дека во разговорите беа разменети мислења околу можните решенија за мигрантите и бегалците кои во моментов се затекнати на територијата на Република Македонија и другите земји од Балканскиот коридор, како и за можностите за воспоставување на механизам за легална миграција помеѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан.
Во телефонскиот разговор соговорниците го поздравиле договорот меѓу ЕУ и Турција и изразија надеж дека истиот ќе биде доследно спроведен и ќе даде позитивни резултати во справување со мигрантската криза.
news_share_descriptionsubscription_contact
