Nazlı Yüzbaşıoğlu
06 Јули 2018•Ажурирај: 06 Јули 2018
АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денеска во Анкара порача дека Турција ги смета како погрешни одлуките на Соединетите Американски Држави (САД) еднострано да се повлечат од нуклеарниот договор со Иран и повторно да воведат санкции за оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу беше гостин на денешниот уреднички деск на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот, и говореше за актуелните случувања во неговата земја.
Говорејќи за претседателските и парламентарните избори во Турција одржани на 24 јуни, поконкретно за рефлексиите на изборите врз Западот, Чавушоглу порача дека европските земји треба да научат да покажат почитување кон Турција.
Потсети дека на одредени набљудувачки на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) не им бил дозволен влез во Турција во текот на изборниот процес и порача дека тоа биле лица кои сакале да предизвикаат неред во Турција.
На прашањето во врска со усвоената мапа на патот на Турција и САД за сирискиот град Мунбич, Чавушоглу рече дека се преминало на имплементација на мапата на патот.
„Во рамките на договорот, во девет наврати е извршено патролирање. ЈПГ/ПКК се повлече од овие региони. Но, повлекувањето на ЈПГ/ПКК од овие региони не значи дека се повлекле од Мунбич“, истакна Чавушоглу и додаде: „Имаме јасен договор со САД, по Мунбич, да се премине на останатите региони“.
Шефот на турската дипломатија се осврна и на излегувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран, и го сподели ставот на Турција за тоа прашање.
„Одлуките на САД за воведување санкции кон Иран ги сметаме за погрешни“, рече Чавушоглу, порачувајќи дека каков било проблем со Иран може да се реши преку преговори.
Додаде и дека неговата земја е против санкции во нормални услови и дека е погрешен ставот на САД еднострано да донесат одлука и од останатите земји да очекуваат да ја следат таа одлука.
За односите помеѓу САД и Турција, Чавушоглу рече дека САД не сакаат да ги нарушат односите со Турција поради купувањето на руските антиракетни системи „S-400“.