Ahmet Dursun,Enes Canlı
29 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
ДОХА (АА) - Делегациите на Соединетите Американски Држави (САД) и талибанското движење денес во Катар го потпишаа договорот за почеток на мировниот процес во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Историскиот „Договор за воспоставување мир во Авганистан“, по двегодишни преговори, во Доха го потпишаа американскиот претставник Залмај Халилзад и еден од основачите на талибанското движење, Мула Абдул Гани Барадар.
Договорот предвидува почеток на мировниот процес во Авганистан, со кој би требало да се стави крај на 19-годишниот конфликт и најдолгата војна во која учествувале САД.
Согласно договорот, САД ќе започнат со повлекување на своите сили од Авганистан и со намалување на бројот на војници во таа земја од речиси 13.000 на 8.600 за 135 дена.
Повлекувањето на сите американски и сојузнички сили од Авганистан е предвидено за наредните 14 месеци, но ќе зависи од тоа дали талибанското движење ќе ги почитува своите обврски преземени со денешниот договор.