Dejan Maksimovic
24 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
ТОРИНО (АА) - Според јавувањето на италијанските медиуми, 42-годишниот легендарен голман Џанлуиџи Буфон решил да го продолжи договорот со Јувентус до јуни 2021 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Изгледа Буфон, чиј тековен договор истекува ова лето, нема намера да стави крај на својата професионална кариера.
Во Серијата А, која моментно е прекината поради пандемијата на коронавирусот, Буфон бранеше седум пати оваа сезона, бидејќи првиот избор на голот на „старата дама“ беше Војчех Шчесни. Во Купот на Италија забележа три, а во Лигата на шампионите еден настап. Но, очигледно на искусниот чувар на мрежата не му пречи улогата на поддршка на полскиот голман.
Буфон на почетокот помина дури 17 сезони во „старата дама“, од 2001 година, кога дојде од Парма, до 2018 година. Минатата сезона бранеше за Париз Сен Жермен, но летото 2019 година реши да се врати во Торино. За време на неговиот прв период во Јувентус тој одигра 656 натпревари. Со „старата дама“ освои девет титули национален шампион и пет пехари во Супер купот, како и четири во Купот на Италија. Тој дури 176 пати бранеше за италијанската репрезентација, со што стана рекордер на „азурите“.