Kübra Chohan
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната сириска војска денес ослободија уште едно село од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ, како дел од операцијата „Mаслинова гранка“, што се спроведува во северозападното подрачје на Африн, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерите на АА од терен јавија дека селото Карманлук во близина на градот Шајк ал Хадид, северозападно од Африн, е ослободенo од терористите.
Исто така, воените сили се наоѓаат на околу 7 километри од пресекувањето на врската на терористите со турската граница.
Од почетокот на операцијата на 20 јануари, турската војска и Слободната сириска војска ослободија 113 локации, вклучувајќи еден центар на област, 85 села, 20 стратешки планини и ридови и една база на терористичката ЈПГ/ПКК.
Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ со цел расчистување на терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ од подрачјето на Африн, северозападна Сирија.
Операцијата има за цел да воспостави безбедност и стабилност по должината на турската граница и во регионот, како и да го заштити сириското население од угнетувањето и суровоста на терористите.
Операцијата се спроведува во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право, одлуките на Советот за безбедност на ОН, на правото за самоодбрана според Повелбата на ОН, со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Војската соопшти дека во операцијата се напаѓаат и уништуваат исклучително само терористички цели, и се обрнува големо внимание да не им се наштети на цивилите.
Подрачјето на Африн е главно засолниште за терористите на ЈПГ/ПКК од јули 2012 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, без борба, ѝ го препушти градот на терористичката група.