Nilay Kar
30 Јули 2018•Ажурирај: 31 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Советот за национална безбедност на Република Турција за апсолутно неприфатлива и непримерна ја оцени заканувачката реторика која Соединетите Американски Држави (САД), неодамна почнаа да ја користат кон Турција, јавува Anadolu Agency (АА).
Советот денес за прв пат заседаваше во новиот состав откако Турција неодамна премина од парламентарен на претседателски систем на управување, а со седницата претседаваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По пет и пол часовно заседавање, Советот објави соопштение во кое се наведува дека теми биле важни прашања во врска со внатрешната и надворешната безбедност на земјата.
Во соопштението се наведува дека Турција со истата решителност ќе ја продолжи борбата против сите закани по националната безбедност, а првенствено против терористичките организации ФЕТО/ПДЈ, ПКК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ.
„Турција се бори против сите терористички организации, без да прави каква било разлика, а таков пристап очекува и од меѓународната заедница“, се наведува во соопштението, со напомена дека некои земји практикуваат неприфатливи двојни стандарди во борбата против тероризмот.
Советот ја осуди заканувачката американска реторика кон Турција, како и спорните американски ставови во врска со проектите од одбранбената индустрија.
„Соопштенијата на САД и одлуките поврзани со одредени услови кои се во спротивност со меѓународните договори, за проекти од одбранбената индустрија чии обврски Турција ги испочитува, може да им нанесат непоправлива штета на стратешкото билатерално партнерство и на довербата меѓу двете земји“ се наведува во соопштението на Советот.
Во понатамошниот текст на соопштението на Советот се наведува дека имплементацијата на Мапата на патот за решавање на проблемите во сириски Мунбич, која ја договорија Турција и САД, значително ќе придонесе за решавање на кризата во Сирија.
Тој договор предвидува повлекување на терористите на ПКК/ПЈД-ЈПГ од Мунбич, а враќање на протераното месно население и воспоставување безбедност во тој регион.
Советот најави и нови конкретни чекори кон воспоставување безбедност на цивилите во делови од Сирија, каде што и понатаму делуваат терористичките организации.
Една од темите на седницата беше и ситуацијата во Егејското и Средоземното Море, на кои излегува Турција, а Советот нагласи дека Турција ќе ги штити своите права и интереси во тие води.