Zehra Ulucak
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ТОКИО (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, кој се наоѓа на турнеја по истокот, во Токио, главниот град на Јапонија, се сретна со Шинзо Абе, премиерот на Јапонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста на новинската куќа „Kyodo“ (Кјодо), Трамп и Абе имаа билатерална средба во палатата Акасака, на којашто зборуваа за трговската размена меѓу двете земји, за билатерални прашања и за ситуацијата поврзана со Северна Кореја.
Потоа јапонскиот премиер Абе и Трамп имаа заеднички ручек, а пред состанокот со американскиот претседател, Абе информираше дека двете земји се одлучни да ја продолжат меѓусебната соработка, и додаде: „Остваруваме огромен напредок, особено со намалувањето на трговскиот дефицит во билатералната трговија и со развој на фер и еднакви трговски односи“.
Трамп и Абе по средбата одржаа заедничка прес-конференција на којашто раководството на Северна Кореја го окарактеризираа како „закана за цивилизираниот свет“.
Трамп истакна дека заканата кон САД или нивните сојузници, која потекнува од раководството на Пјонгјанг „нема да ги натера да се повлечат“, и додаде „Некои велат дека моите говори се многу остри, но погледнете што направи благата реторика во последните 25 години“.
Премиерот Абе нагласи дека состанокот бил средба за продлабочување на односите, и истакна дека очекува да продолжат меѓусебните разговори.
Јапонскиот премиер Абе истовремено изрази сочувство до семејствата на загинатите во свирепиот напад врз црква што беше извршен во американската сојузна држава Тексас, изјавувајќи „Во ова тешко време, би сакал да ја изразам нашата искрена солидарност со народот на САД“.