Admir Fazlagikj
12 Декември 2016•Ажурирај: 13 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Европскиот центар за права на Ромите од Будимпешта денеска во Скопје одржа прес-конференција со која имаше за цел да ја информира пошироката македонска јавност за тешката состојба и за случајот со иселувањето на Ромите од неформалната населба под Скопото кале. Тие побараа од надлежните институции да се преземат соодветни мерки со кои би се подобрила состојбата на овие граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Воведно обраќање имаше Сенада Сали, од Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта, која истакна дека имаат за цел да ја инфомираат јавноста во врска со случајот со иселувањето на Ромите од неформалната населба под Скопото кале, како и за тешките услови во кои живеат овие луѓе.
Заменикот на народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа рече дека загрижува фактот што сѐ уште нема соодветни мерки од страна на институциите за Ромите што живеат во неформалната населба под Скопското кале.
„И покрај бројните укажувања и препораките да се најде соодветно решение, проблемот и понатаму не е решен“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Заменикот народен правобранител истакна дека при посетата на Ромите од неформалната населба под Скопското кале ја увиделе фактичката состојба, за која вели дека е загрижувачка.
„Она што го потврдивме е дека станува збор за голема бројка на семејства – 31 семејство, сите Роми, најголем број од нив се од Скопје. Таму има 135 лица, од кои 6 бремени жени и 78 деца на возраст до 18 години. Загрижувачки е тоа што имаше и штотуку родени бебиња. Уште повеќе реагираме и затоа што дел од овие лица се без документација, без здравствена заштита, а децата немаат пристап до образование“, истакна Бајрамовска-Мустафа, која додаде дека понудите од страна на иституциите за сместување на овие лица во Чичино село биле одбиени, бидејќи условите не се соодветни за сместување на овие лица.
Меѓу другото, Бајрамовска-Мустафа побара од надлежните институции и организации да поработат на трајно решавање на проблемот на бездомните семејства, создавање услови и можности за остварување на правото на здравствена заштита на лицата, особено на бремените жени кои ги затекнале при посетата на Чичино село и на населбата под Кале, каде што овие лица се во фаза на повторно обновување на импровизираните објекти за сместување.
На прес-конференцијата се обратија и Љатифе Шиковска, од невладината организација „Амбрела“ и Неда Чаловска од Хелсиншкиот комтет во Скопје, кои упатија апел до надлежните институции да преземат мерки за решавање на проблемите на Ромите од импровизираната населба под Кале. Исто така, тие укажаа на потребата за координираност меѓу институциите за решавање на овој проблем.
На денешниот настан беа присутни и неколкумина граѓани што живеат во импровизираната населба под Скопското кале, каде што немаат елементарни услови за живот.