Onur Usta
14 Јули 2016•Ажурирај: 15 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Наташа Бушар, градоначалничката на францускиот град Кале, најави дека северниот дел од кампот за бегалци наскоро ќе биде затворен и отстранет, откако неодамна беше испразнет и неговиот јужен дел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кампот за бегалци во Кале донесе негативни последици за луѓето и за економијата на градот. На последната средба со претставници на Министерството за внатрешни работи, ние одлучивме да се отстрани и да се испразни северниот дел од кампот, колку што е можно поскоро“, наведе Бушар во писмената изјава.
Градоначалничката на Кале додаде дека процесот за евакуација на бегалците од кампот мора да се спроведе итно.
Јужниот дел на кампот за бегалци, кој поради лошите услови, во јавноста се нарекува „џунгла“, е испразнет и отстранет пред четири месеци, кога интервенираа и безбедносните сили. Најголемиот број од бегалците се населија во северниот дел на кампот.
Според канцеларијата на гувернерот на регионот во кој се наоѓа Кале, во кампот сега живеат 4.500 бегалци од Еритреја, Авганистан, Сирија и од Ирак. Хуманитарните организации што се активни во регионот, тврдат дека бројот на населението во кампот наскоро се очекува да надмине 7.000 луѓе.