КАЛЕ/ЏУНЛГА (AA) – На одредени делови од бегалскиот камп „Џунгла”, во францускиот град Кале, на француски јазик испишани се зборовите „слобода, еднаквост и братство”. Многубројни организации и активисти овој камп го прогласија за камп со најлоши услови за живот на бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот на AA помина пет дена во кампот заедно со бегалците. Невозможно е а да не се забележат големите глувци кои слободно се движат низ кампот, оддалечен 280 километри од Париз.
Роднините Хосам и Хомар од политички причини избегале од Иран. Повеќе од седум месеци живеат во караванот кој им го подарил Британец. Како што велат, Франција не е таква каква што ја замислувале.
Хосам завршил факултет во Техеран, а како што истакнува преку ден се сведоци на насилството од страна на бегалците, додека навечер се сведоци на полициското насилство.
Пред три месеци група напаѓачи го нападнале со нож и палки. Го пресретнале, му ги зеле парите и телефонот, а потоа му го скршиле носот и го тепале до онесвестување. Тој нагласува дека тоа станало рутина во кампот.
„Се плашиме да отидеме во град. Граѓаните на Кале се фашисти, а полицијата ги поддржува, Додека фашистите ги тепаат бегалците, полицијата само гледа. Само да гледа би било добро, туку им ги стиска рацете и им честита”, рече Хосим и додаде дека бегалците не ги сака ниту полицијата, ниту народот.
Хосам вели дека полицијата не се занимава со проблемите на бегалците.

„Во ,Џунгла' постои една логика, гладта. Колку е бегалецот погладен, толку е повеќе без енергија. И полицијата и народот, системски, применуваат насилство над бегалците”, смета Хосам. Неговите зборови ги потврдува и Сасан (22) од Иран.
„Тука се соочуваме со два вида фашисти, народот на Кале и француската полиција. И полицијата и народот доколку видат бегалец го тепаат. Полицијата користи солзавец, муниција, удира со рацете. Народот краде пари, телефони и ги тепа бегалците до изнемоштеност”, рече Сасан и додаде дека и тој, како и другите бегалци, се кае што дошол во Франција, а дека сега е невозможно да се врати назад.
Како што вели, повеќе би сакал да е мртов отколку да го поднесува сето ова.
„За седум месеци загубив сè, пари, ум, хуманост, чест. Не знаеме веќе што да правиме. Кога би можеле да се вратиме во Иран. Можеби стотина пати се обидов да избегам. Пак ќе се обидам, нема избор”, очајно рече тој.
Халил (42) со своето семејство избегал од Техеран. Тој вели дека размислува да изврши самоубиство.
Додава дека дале пари за шатор кој се распаднал. Се жали дека веќе два месеци не се капел бидејќи нема пари за тоа, а живее во шаторите на другите бегалци.
„Десет литри вода чини три евра, шампон 50 центи, пешкир едно евро. Каде да најдам пет евра, a и да ги најдам, се чека од 10 до 15 часа во ред да се искапете. Во кампот живеат пет илјади луѓе”, рече Халил и додаде дека повеќе би сакал да умре во Иран отколку да живее во кампот.
Неговиот син Супхан (17) вели дека своето семејство во Иран го лаже велејќи им дека во Франција имаат сè и дека им е добро.
„Како на мојата мајка да ѝ кажам дека нè тепаат, дека сме гладни и болни”, запраша тој додавајќи дека како бегалец патувал низ цела Европа, но дека во Франција е најлошо.
И тој како и другите се жали на француската полиција.
„Кога ќе им се обратите на англиски не одговараат. Загрижени сме што мислат. Ние сме луѓе, не сме чудовишта. Сакаме тоа да ѝ го објасниме на полицијата, но не нè гледаат. Бидејќи ако сте бегалец во ,Џунгла', не сте човек”, појасни Супхан.
Во кампот не доаѓаат само голем број бегалци од различни места од светот туку и многу волонтери.
Најмногу волонтери доаѓаат од Велика Британија. Тие направија помали и поголеми простории каде бегалците можат да читаат, да учат, но и да обавуваат верски обреди. Иако на прв поглед се чини дека кампот опстојува благодарејќи на волонтерите, многу бегалци се жалат дека голем дел од волонтерите тука доаѓаат заради забава а дека секој десетти волонтер е тука само заради бегалците.
Некои од нив дури користат и дрога која им ја нудат на бегалците. Бегалците сметаат дека некои млади доаѓаат само да го пополнат своето слободно време, а за некои веруваат дека работат за одредени разузнавачки служби на Франција.
Во кампот е можно да се пронајдат бегалци од сите професии кои во своите земји биле почитувани граѓани.
Сепак во ,Џунгла', постојат само двајца лекари, еден педијатар и еден кардиолог.