Ekipa
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу изјави: „Уште од претходно рековме дека доколку ЈПГ не се повлече од Мунбич, ние ќе го нападнеме ЈПГ“, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на комисијата за надворешни работи на Големото турско народно собрание, министерот Чавушоглу одговараше на прашањата на новинарите. Министерот Чавушоглу изјави: „Уште од претходно рековме дека доколку ЈПГ не се повлече од Мунбич, ние ќе го нападнеме ЈПГ. Се разбира, ова не е нешто ново. Во моментов, со САД сме во консултации за операцијата во Рака – како таа ќе биде спроведена и со кои сили Турција ќе ја даде својата поддршка. На теренот, како специјални единици не се наоѓаат само единиците на САД и на Турција, туку во рамките на коалицијата тука се присутни Германија, Англија, Франција. Се состануваме за да се договориме околу воздушната поддршка“.
На прашањето околу веројатноста Турција и САД да дојдат едни наспроти други на теренот, министерот Чавушоглу рече дека не постои таков ризик и додаде: „Ова не е американска територија. Нема причина зошто би се нашле наспроти американските војници“.
„Главна цел на операцијата во Мунбич е расчистување на подрачјето и негово враќање на вистинските сопственици. Доколку САД го избере ЈПГ како сојузник и заземе став ‘кој нив ги задева, ме задева мене’, тоа е нешто друго, но ние знаеме дека такво нешто нема. Борбата против ЈПГ или против некоја друга терористичка организација не треба да нѐ доведе во ситуација на соочување со САД. Не сакаме ниту еден наш сојузник да стои покрај некоја терористичка организација“, истакна министерот Чавушоглу.