Ekipa
01 Март 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер и портпарол на турската Влада, Бекир Боздаг, денес ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за двојни стандарди во однос на тоа што сакаат да диктираат против кои терористички групи треба да се насочи борбата, а против кои не, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за новинарите во Анкара, турскиот вицепремиер рече дека Турција се бори против терористите на ДЕАШ во Сирија, исто како и САД.
„Турција, исто така, се фокусира на ДЕАШ. Ние се бориме против ДЕАШ во регионот. Но, не можеме да ја прифатиме нелогичната идеја дека не може да се води борба против терористичките групи кон коишто САД не се фокусирани“, истакна тој.
Поради турската операција „Маслинова гранка“ во Африн, северозападна Сирија, насочена против терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, Анкара ги обвини западните земји за хипокризијата дека во Сирија треба да се води борба само против терористите на ДЕАШ, исклучувајќи ја од тоа терористичката група ЈПГ/ПКК, која води терористичка кампања против Турција.
Осврнувајќи се на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за 30-дневен хуманитарен прекин на огнот во Сирија, Боздаг рече дека таа нема да влијае врз турската операција „Маслинова гранка“, бидејќи прекинот на огнот не се однесува на операцијата.
Тој остро го критикуваше портпаролот на американскиот Стејт департмент, кој предложи Турција да ја прочита Резолуцијата на ОН за прекин на огнот, сугерирајќи дека таа се однесува и на операцијата во Африн.
„Нашето толкување е јасно“, рече Боздаг, додавајќи дека всушност многу покорисно би било доколку Американците ја прочитаат Резолуцијата повнимателно.
Советот за безбедност на ОН во саботата усвои Резолуција за 30-дневен прекин на огнот во Сирија без одложување.
Со Резолуцијата се повикува на медицинска евакуација на околу 700 лица, особено од Источна Гута, предградие на Дамаск, кое е под опсада на силите на режимот.
На 20 јaнуари Турција ja започна операцијата „Mаслинова гранка“ за расчистување на терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ од подрачјето на Африн.
Операцијата има за цел да воспостави безбедност и стабилност по должината на турската граница и регионот, и да го заштити на сириското население од угнетувањето и суровоста на терористите.