Ekipa
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за Европска Унија (ЕУ) и главен преговарач на Турција, Омер Челик, денес изјави дека со одлучната и активна борба против тероризмот Турција ги чува своите, но и границите на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на неодамнешните изјави на шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, за продажбата на оружје на Турција, турскиот министер Челик изјави дека Турција го користи оружјето за борба против терористичките организации, како ДЕАШ и ПКК, чии поддржувачи веќе шетаат и по главните европски градови.
„Не заборавајте дека ние со активна борба ги чуваме државните граници на Турција, но во исто време ја браниме и безбедноста и границите на ЕУ. Затоа предизвикувањето на слабост на Турција во борбата против тероризмот значи предизвикување на слабоста на безбедноста и на Германија и на Европа“, порача Челик во обраќањето пред новинарите во Лондон, каде што престојува во официјална посета.
Челик порача дека Турција не може да биде загрозена бидејќи е стабилна земја, која во сите услови покажа сила во однос на одбраната на безбедноста и поредокот.
Коментирајќи ја и актуелната ситуација во Европа, Челик изјави дека најголема грешка на Европа е тоа што паралелно ги користи и не ги одвојува термините радикализам и ислам.
„Радикализмот во ниту еден случај не може да се поистовети со религијата, со етничката група. Тоа е всушност она што радикалните кругови сакаат да го постигнат бидејќи само така можат да се наметнат како актери на некаква конвенционална борба против Западот и да создаваат идеологија за радикализмот“, порача Челик.
Коментирајќи ги и честите дискусии во ЕУ за иднината на пристапните преговори на Турција во ЕУ, Челик изјави дека радикалните кругови во Европа со задоволство сакаат да слушнат дека Европа ги прекинала преговорите со Турција која е правна, секуларна и демократска држава со мнозинско муслиманско население.
„При секоја изјава за спречување или суспендирање на преговорите со Турција директно се дава поддршка на радикалнте групи. Тоа им дава сила на тие кругови“, заклучи Челик.