Ayşe Hümeyra Atılgan
23 Март 2017•Ажурирај: 24 Март 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на турската Влада, Нуман Куртулмуш, изјави дека Турција нема да учествува во операцијата на ослободување на сирискиот град Рака, доколку во неа учествува групата ПЈД, сириски огранок на терористичката организација ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на уредничкиот колегиум на АА во Анкара, Куртулмуш изјави дека операцијата за ослободување на главното упориште на терористите на ДЕАШ во Сирија треба да се спроведува во соработка со силите на умерената сириска опозиција.
„Турција би ја поддржала операцијата што би се спроведувала со умерената опозиција. Меѓутоа, Турција не може да дозволи во Рака да се доведуваат терористите на ПЈД/ПКК и нема да бидеме вклучени во таква операција“, изјави Куртулмуш.
Укажувајќи на успешните операции за ослободување на сириските градови Ал Баб и Џарабулус, кои со поддршка на турските сили ги спроведоа силите на Сириската слободна армија, Куртулмуш изјави дека таквиот модел на соработка со умерената сириска опозиција мора да се примени и во Рака.
„Нашиот предлог е тој модел да го примениме во цела Сирија, а тоа го очекуваме и од остатокот на меѓународната заедница“, порача Куртулмуш.
Тој исто така изјави дека е невозможно да се зборува за воспоставување мир во регионот, доколку тој прво не се воспостави во Сирија.
„Без мир во регионот, нема да има ниту глобален мир“, заклучи Куртулмуш.