Barış Gündoğan
06 Февруари 2019•Ажурирај: 08 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Anadolu Agency (AA) ја објави книгата „Убиството на Џамал Кашоги“ во која се собрани сите откриени детали за бруталното убиство на новинарот извршено на 2 октомври минатата година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Книгата, во која хронолошки се собрани описите, случувањата и анализите на медиумските текстови за убиството на Кашоги, е објавена на англиски, арапски и на турски јазик.
Така, јавноста ќе може на едно место да ги пронајде сите информации, фотографии, инфографики и анализи за бруталното убиство кое ја шокираше светската јавност.
На почетокот на книгата, читателите можат да ја прочитаат животната приказна на убиениот новинар Кашоги, како и неговите ставови и погледи на животот и светот. Во книгата се содржани и голем број ставови на Кашоги за војните во Јемен и Сирија, како и за ситуацијата во Саудиска Арабија, Египет и односот на САД кон Муслиманското братство.
Паралалено со прегледот на настаните пред и по убиството, читателите во книгата можат да ги најдат сите информации за тимот убијци и водачот на целото злосторство, кои во Турција од Саудиска Арабија пристигнаа непосредно пред кобното влегување на Кашоги во зградата на Конзулатот.

Книгата нуди и добар преглед на сите познати детали за бруталното убиство на новинарот, како и реакциите за тоа злосторство што пристигнуваа од целиот свет.
Заедно со изјавите за убиството на Кашоги на највисоките светски официјални лица, читателите во книгата „Убиството на Џамал Кашоги“ може да најдат и графички приказ на лозата на саудиското кралско семејство.
Книгата претставува еден вид документарен преглед на сите важни детали за убиството на Кашоги.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Шенол Казанџи, во предговорот на книгата наведува дека Турција во рамките на меѓународното право води интензивна и успешна дипломатија, со цел расветлување на убиството на Кашоги и пронаоѓање на сите одговорни.
„Anadolu Agency жали поради загубата на колегата новинар и во својство на новинска агенција јавноста во Турција и во светот непристрасно ја известуваше за сите информации поврзани за тоа убиство. Ги собравме и во форма на книга ги објавивме сите достапни информации, фотографии, инфографики и анализи поврзани со убиството на колегата Кашоги“, наведе Казанџи во предговорот на книгата.
Казанџи истакна дека АА ја објавила книгата „Убиството на Џамал Кашоги“ во рамките на професионалните обврски кон тој колега, но дека таа првенствено е показател дека тоа убиство нема да биде заборавено.