ИСТАНБУЛ (АА) ЃУЛСУМ ИНЏЕКАЈА - Упатен е апел до Обединетите нации (ОН) за колку што е можно поскоро да се запрат масакрите над муслиманите во Аракан од страна на вооружените сили на Владата на Мјанмар, како и од страна на будистичките свештеници.
Д-р Мухамед Ејуп Хан, активист за Аракан кој живее во Турција, во разговор со Anadolu Agency (AA) ги оцени последните случувања во тој регион.
„Ова е една средина на неподнослива суровост. Масакри, силувања, палење живи луѓе, тоа се секојдневни случувања. Но, Владата на Мјанмар не дозволува тука да влезат меѓународни новинари, хуманитарни организации, набљудувачи на ОН, дури и локалните новинари“, истакна Хан.
Тој информираше дека во 2016 година, неколкумина млади муслимани кои веќе не можеле да ја поднесат ова суровост, со стапови, ножеви и рачно направени оружја, извршиле акција врз три гранични полициски станици. „Владата на Бурма ја искористи оваа шанса, ги затвори сите граници и изврши рација во селата и гратчињата, масакрирајќи ги сите, без оглед дали се деца или не“, додава тој.
- „Во последните 3 дена убиени околу 500 муслимани“ -
Потсетувајќи дека на 25 јули е формирана „Комисијата за истражување на вистината“, која се состои од три члена, Хан пренесе дека Владата на Мјанмар соопштила оти нема да ги прифати членовите на оваа комисија. „Охрабрена од индиферентноста на светот, оваа влада ноќта на 24 август опколи уште 25 села. Откако народот покажа отпор, започна со колективни масакри. Според информациите што ги добивме, во последните 3 дена се убиени 500 муслимани“, информираше Хан.
Тој пренесе дека според законите на ОН, треба да се применуваат меѓународни санкции против земјите што вршат геноцид, и истакна дека светската јавност не го прифаќа фактот оти е извршен геноцид врз муслиманите во Аракан, па поради тоа не е направен чекор за применување санкции против Мјанмар. „Наместо да кажат дека ова што се случува тука е геноцид, ОН велат дека е етничко чистење“, додаде тој.
Активистот Хан информира дека околу 140.000 лица во Аракан се раселени, се палат муслиманските села, а луѓето планирано се ставаат во кампови.
Хан истакна дека антиисламизмот, кој започнал во 1940, е еден проект. „Во согласност со овој проект, Владата и будистите во Аракан со најбрутални методи се обидуваат да го исчистат регионот од муслиманите“, истакна Хан.
Извршеното насилство врз муслиманите во Аракан Хан го опишува како геноцид: „Насилството што го вршат суровите будисти врз муслиманите не можам да го опишам ниту како животинско однесување. Ова е нешто над тоа. Луѓето се киднапирани, убивани, но ги нема нивните трупови. Жените се силувани. Селата се палат. Се пали стоката на трговците“, додава тој.
- „Потреба е итна интервенција“ -
Хан истакна дека вооружените сили на Мјанмар и будистите-гангстери спроведуваат нечовечки активности во Аракан. Тој информираше дека владата, игнорирајќи ги меѓународните права, претходниот ден дала наредба за пукање, без оглед дали се работи за деца или стари лица.
„Сите овие случувања се одвиваат пред очите на целиот свет, и светот не вели 'доста' за оваа суровост. Силувањето го користат како оружје. Силувања, смртни случаи, трупови што не можат да се пронајдат, луѓе без идентитет, желба да се искорени една заедница, запалени градови, села. Ако не се интервенира, ќе исчезне една заедница“, нагласи Хан.
Toj истакна дека Турција е многу чувствителна кон прашањето за масакрот што се врши пред очите на светот. Исто така, Хан побара Турција веднаш да направи решавачки чекор во врска со ова прашање.
Нагласувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган презема иницијатива во ОН, НАТО, ЕУ и во други платформи за да се стави крај на суровоста што се спроведува над муслиманите во Аракан, Хан рече: „Ние бараме од ОН колку што е можно поскоро да испрати мировни сили и да ги спречи масакрите во регионот“.
Хан информираше дека ТИКА и другите невладини организации нудат помош за муслиманите Рохинџа, кои во тешки услови водат битка за животот. Тој додаде дека во Турција треба да се формира една нова и итна агенда за Аракан.
Муслиманите во Аракан кои го загубија правото за државјанство со усвојувањето на законот во 1982 година во Мјанмар, се сметаат за лица без држава (апатриди). Муслиманите во Аракан како верско малцинство кое страда, се изложени на насилства, како и на законска, економска и општествена дискриминација.