Ekipa
14 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
СОЧИ (АА) - Во рускиот град Сочи денеска се одржа трилатералниот Самит Турција - Русија - Иран за Сирија, на кој присуствуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија, Владимир Путин и иранскиот претседател Хасан Рохани, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателите на Турција, Русија и Иран, Ердоган, Путин и Рохани, имаа свои обраќања на трилатералниот Самит во Сочи.
- „Со решителност го зачувавме духот на Астана“ -
Во своето обраќање на Самитот, турскиот претседател Ердоган истакна дека со решителност е зачуван духот на преговорите од Астана.
„Покрај сите проблеми, разединетоста на гледиштата и провокациите за да направат раздор меѓу нас, со решителност го зачувавме духот на Астана“, рече тој.
Ердоган нагласи дека сирискиот народ, кој 8 години се обидува да преживее во сенка на оружјето, од нив очекува радосна вест за изнаоѓање трајно политичко решение.
„Како што ние водиме борба за да го спречиме пролевањето крв во Сирија, така и другите, тајно, отворено, работат на продолжување на конфликтите. Дејствувајќи со остроумност и помирување, на овие кругови не им ја дадовме можноста што ја очекуваа“, рече Ердоган.
Ердоган истакна дека Турција го стори најдоброто за сирискиот народ од почетокот на војната и обезбеди помош од 35 милијарди долари.
- „Русија, Турција и Иран вложуваат заеднички напори за нормализација на животот во Сирија“ -
Во своето обраќање на Самитот, рускиот претседател Владимир Путин, осврнувајќи се кон моменталната состојба во Сирија, изјави „Во моментов, речиси на целата територија на Сирија имаме состојба без конфликти. Ова е наша заедничка конкретна и позитивна цел.“
Путин укажа и на значењето на процесот од Астана за изнаоѓање политичко решение за Сирија, велејќи „Астана е инструмент за изнаоѓање трајно политичко решение за Сирија.“
Рускиот претседател им придаде големо значење на напорите што трите земји ги вложуваат со цел изнаоѓање политичко решение за ситуацијата во Сирија.
„Русија, Турција и Иран вложуваат заеднички напори за нормализација на животот во Сирија“, додаде тој.
Путин, осврнувајќи се на ситуацијата во Идлиб, рече: „Потребно е да се договориме околу намалувањето на тензиите во Идлиб. Тоа не значи дека треба да го прифатиме постоењето на терористите.“
Путин посочи и на важноста за започнување на активностите на Уставниот комитет во Сирија. „Од голема важност е Уставниот комитет на Сирија во најбрзо време да ги започне своите работи“, потенцираше Путин.
- „САД ги заштитуваат терористичките организации во Сирија и Ирак“ -
Претседателот на Иран, Хасан Рохани, во своето обраќање истакна дека на трилатералниот самит разговарале за значењето на Сирија.
„Разговаравме за важноста на Сирија, која е ослободена од странска интервенција и закани од тероризам, и укажавме на територијалниот интегритет“, нагласи Рохани.
Тој го изрази своето жалење поради односот на Соединетите Американски Држави (САД) кон терористичките организации.
„За жал, САД ги заштитуваат терористичките организации во Сирија и Ирак. Се обидуваат да ги постигнат своите цели, користеjќи ги тие структури“, додаде иранскиот претседател.