СОЧИ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на трилатералниот Самит за Сирија истакна дека не сакаат настанување нови хуманитарни кризи и нови драми ниту во Идлиб, ниту во другите подрачја во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
По трилатералниот самит Турција-Русија-Иран за Сирија во рускиот град Сочи, турскиот претседател Ердоган, рускиот претседател, Владимир Путин, и претседателот на Иран, Хасан Рохани, одржаа заедничка прес-конференција.
Ердоган истакна дека терористичките организации чија цел се Турција и Иран, на крајот се осудени на пораз.
„Крајот на теророт е пораз. Терористичките организации чија цел се Турција и Иран, на крајот се осудени на пораз“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за повлекување од Сирија, и нагласи дека моментално е непознато и не се знае што ќе се случи, и дека ќе ги следат чекорите во оваа насока.
Турскиот преседател нагласи дека повлекувањето на САД од Сирија мора да се врши без можност за создавање вакуум на моќ, кој ќе биде злоупотребен од страна на ПЈД, ЈПГ и ДЕАШ.

„Не сакаме да настанат нови хуманитарни кризи и нови драми ниту во Идлиб, ниту во другите подрачја во Сирија“, истакна Ердоган и додаде:
„Ќе продолжиме да го спроведуваме нашиот дел од меморандумот за Идлиб. На мојот руски и ирански колега им ги пренесов нашите очекувања околу придржувањето на режимот кон прекинот на огнот. Ја потврдивме нашата определба за зачувување на статусот на Идлиб како зона без судири, и за заедничка борба против провокативните иницијативи во регионот.“
„Во координација со ОН, сакаме во најкратко време да профункционира еден почитуван и стабилен комитет“, истакна Ердоган.
Според Ердоган, трите земји гаранти се одлучни, во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, да продолжат со нивните напори за изнаоѓање на решение за конфликтот во Сирија.
Ердоган нагласи дека заедно со Путин и Рохани се согласни да продолжи одржувањето на овие самити.
„Никогаш претходно изгледите за политичко решение за Сирија не биле толку оптимистички. Го преминавме морето, нема сега да се удавиме во река“, нагласи турскиот претседател.
Меѓудругото, Ердоган истакна дека нивна цел е заштитата на територијалниот интегритет на Сирија, но, според него, потребно е што е можно поскоро, Мунбич да биде исчистен од терористичките организации, како и во Идлиб да не се остави поле за маневрирање на терористичките организации. „Сопственик на тие територии е нароот на Сирија“, додаде тој.
Ердоган информираше дека 5. Самит за Сирија ќе се одржи во Турција.
„(Уставниот комитет) Претставникот за Сирија на Генералниот секретар на Обединетите нации има активности и вложува напори во Сирија. Посакувам, што е можно поскоро овој комитет да биде формиран, за да може сирискиот народ да ја потврди својата волја, донесувајќи одлуки за својата иднина“, истакна Ердоган.

- Путин: „Воспоставувањето на примирјето во Сирија не смее да ја наруши борбата против тероризмот“ -
Рускиот претседател Владимир Путин, на прес-конференцијата изјави дека воспоставувањето на примирјето во Сирија не смее да ја наруши борбата против тероризмот.
Тој истакна дека Турција, Русија и Иран интензивно работат на решавање на кризата во Сирија и дека денес одредените полиња на дејствување се важни за решавање на кризата.
Додаде и дека трите земји се заслужни за процесот за воспоставување мир и обнова на Сирија и порача дека ќе продолжат да работат на воспоставување конечен мир и стабилност во земјата, истакнувајќи дека е важна намерата трите земји од процесот во Астана да ја зацврстат соработката.
Путин се осврна и на формирањето на зоните без судири во сириски Идлиб и борбата против тероризмот.
„Воспоставувањето зони без судири во Идлиб е привремена мерка, а нападите на терористите нема да поминат неказнето“, изјави Путин, кој смета дека воспоставувањето на примирјето во Сирија не смее да ја наруши борбата против тероризмот.
„Треба да ја продолжиме нашата борба, каде и да се наоѓаат терористите. Нема да поддржиме ниту едно сепаратистичко движење“, додаде тој.
Рускиот претседател изјави дека главна цел е да се заштити територијалниот интегритет на Сирија, вклучувајќи ги Идлиб и подрачјето источно од Еуфрат.
Тој додаде дека ќе продолжи да работи на решавање на хуманитарните проблеми во Сирија и дека е договорено состаноците за таа земја да се одржуваат во присуство на претставници на ОН.

- Рохани: „Трите земји-гаранти ќе продолжат со напорите за обезбедување стабилност на Сирија“ -
Иранскиот претседател Хасан Рохани на прес-конференцијата по Самитот нагласи дека земјите-гаранти за воспоставување прекин на огнот во Сирија, ќе продолжат со своите напори за обезбедување на стабилноста во таа земја.
„Трите земји-гаранти ќе ги продолжат своите напори за намалување на судирите и обезбедување на стабилноста на Сирија.“
Тој истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) терористите на ДЕАШ ги префрлаат во Авганистан.
„САД, дел од милитантите на ДЕАШ ги префрлаат во Авганистан. Може да биде многу опасно за Блискиот Исток и останатите подрачја“, предупреди иранскиот претседател.