Nilay Kar
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
ВИЕНА (АА) - Австрија вети дека за време на своето претседавање со Советот на Европската Унија, ќе се бори против илегалната миграција, како и за зајакнување на надворешните граници на ЕУ, објавено е на веб-страницата на Претседателството на Австрија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нашата цел е да соработуваме со трети земји за да обезбедиме политичка ефикасност и да им помогнеме на оние кои имаат потреба од заштита, пред да влезат во ЕУ, додека, од друга страна, имаме намера да ги спречиме оние на кои не им е потребна заштита да се упатат на опасниот премин во Европа“, објави Претседателството.
Австрија го презеде ротирачкото претседавање од Бугарија на церемонијата што се одржа во австрискиот град Шладминг во саботата.
Откако се придружи кон ЕУ во 1995 година, ова е третпат Австрија да претседава со Советот на ЕУ, по 1998 година и 2006 година.
„За време на своето претседавање, Австрија има намера да ја преземе улогата на градител на мостови меѓу земјите од Европа и да работи на намалување на тензиите кои неодамна се појавија“, рече на церемонијата, австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Курц додаде дека за Австрија е важно да ја зајакне довербата во ЕУ и да обезбеди Европската Унија да може да ги извршува своите главни задачи.
Под мотото „Европа која ќе заштитува“, од австриската Влада се очекува да работи на обезбедување конкурентност преку дигитализација, и да ги поддржи земјите од Западен Балкан да се приближат до ЕУ.
Австриската Влада ќе се занимава со овие прашања на неформалниот самит кој ќе се одржи во Салцбург на 20 септември 2018 година, според програмата која е објавена на веб-страницата на австриското Претседателство.
Претседавањето со Советот на ЕУ ротира меѓу земјите членки на ЕУ на секои шест месеци. По Австрија, Романија ќе го преземе претседавањето во првата половина од 2019 година.