СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми учествува на дводневниот Глобален образовен самит, кој се одржува во Истанбул, Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за образование соопштија дека денеска, на вториот ден од Самитот, ресорниот министер говореше на тема образовни технологии и миграции, ставајќи посебен акцент на мигрантската криза и образованието на бегалците од Блискиот Исток.
„Денес, кога светот се соочува со една од најголемите хуманитарни кризи, напливот на бегалците од земјите зафатени со братоубиствени војни, свесно треба да признаеме дека освен засолниште за овие луѓе, ние како држави треба да им овозможиме и соодветно образование. Покрај топла храна и облека, на овие луѓе им е потребна и едукација. Голем дел од лицата кои секојдневно ги гледаме на ТВ екраните се млади луѓе, луѓе кои избегале од виорот на војната во нивната татковина и го прекинале нивното образование. Дел од нив се ученици, дел се студенти, дел се инженери, доктори, економист”, истакна Адеми, во своето обраќање.
Дел од нив, додаде тој, не знаат каде одат, знаат само дека таму некаде можеби ги чека посветла иднина. Дел знаат странски јазик, но најголемиот дел од нив не.
„Како тие луѓе утре кога ќе најдат засолниште во Европа, ќе се интегрираат во системот кој функционира, како ќе можат да комуницираат со околината. Дали некој воопшто и размислува на оваа тема. Затоа сме тука, заедно да дадеме мал придонес во подобрување на состојбата во која се наоѓаме и ние како држави, но и мигрантите кои бараат корка леб за себе и своите семејства”, рече Адеми.
Адеми потенцираше дека голема улога во образованието на мигрантите треба да имаат и светските корпорации, со одвојување на многу мал процент од нивниот профит со цел изградба на привремени училишта во мигрантските кампови ширум Европа.
„Уверен сум дека меѓу мигрантите се кријат генијалци, идни доктори, информатичари, луѓе кои сакаат да им помагаат на останатите, но во моментот не можат. Ние сме тие кои треба тоа да им го овозможиме, ние сме привиот чекор кон нивната едукација. Верувам дека само образованието може да го победи секој терор и злосторство. Секогаш е полесно да се преговара со стотина образовани, отколку со еден необразован човек, бидејќи образованието е најсилното оружје кое го поседува човештвото”, додаде Адеми.
news_share_descriptionsubscription_contact


