Michael Sercan Daventry
18 Февруари 2016•Ажурирај: 19 Февруари 2016
БРИСЕЛ (AA) - Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека е прилично уверен дека лидерите на денешниот самит во Брисел ќе постигнат договор со Велика Британија во врска со нејзината иднина во ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
"Прилично сум уверен дека ќе имаме договор. Уште важни прашања треба да разјасниме... Уверен сум дека Велика Британија ќе биде конструктивна и активна членка на ЕУ" , изјави Јункер во обраќањето на медиумите воочи почетокот на самитот на кој една од гравните теми е потенцијалното излегување на Велика Британија од ЕУ.
Британскиот премиер Дејвид Камерун не даваше изјави за медиумите воочи почетокот на самитот. Тој ќе мора да ја смири загриженоста на земјите од Вишеградската група (В4) која ја сочинуваат Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, кои се спротиставуваат на неговиот предлог да се ограничи пристапот на социјалната помош за работниците од останатите членки на ЕУ кои работат во Велика Британија.
Воочи самитот минатата недела во Париз се состанаа и премиерот на Велика Британија Дејвид Камерун и францускиот претседател Франсоа Оланд, а еден неименуван француски функционер вчера рече дека се неопходни додатни преговори пред британските партнери во ЕУ да се согласат за договорот во настојувањето да го спречат Лондон да ја напушти Европската Унија.
Германската канцеларка Ангела Меркел воочи самитот изјави дека во националниот интерес на Германија е Велика Британија да остане дел од Европската Унија, бидејќи "Велика Британија беше клучен сојузник на Германија во многу прашања."
Камерун вети референдум за остатокот или излегувањето на својата земја од ЕУ, со надеж дека на самитот на 28-те претседатели на државите и владите членки на ЕУ во четврток и петок ќе постигнат компромис околу британските барања.
Велика Британија бара јакнење на конкурентноста на економијата и намалување на бирократијата, подобрување на положбите на земјите членки кои не користат евро во однос на земјите на еврозоната, јакнење на суверенитетот на националните држави и улогата на националните парламенти како и ограничување на бенефициите за мигрантите од ЕУ во текот на првите четири години престојување во Велика Британија.
Освен потенцијалното излегување на Велика Британија од ЕУ, мигрантската криза е исто така една од главните теми за кои ќе се расправат шефовите на државите-членки на ЕУ на самитот кој денес започна во Брисел.