Sarp Özer
13 Септември 2018•Ажурирај: 14 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, нагласи дека каква било воена операција, Идлиб, кој и онака е проблематично подрачје, ќе го одвлечка во катастрофа, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Акар вчера имаше заеднички ручек со амбасадорите на одредени земји. На средбата Акар рече дека меѓународната безбедност и стабилност минува низ период во кој се соочува со сериозни ризици.
Истакнувајќи дека Турција истовремено се бори против повеќе закани, Акар рече: „Додека од една страна се бориме против ФЕТО, ПКК/ПЈД/ЈПГ/КЏК, од друга страна сме домаќини на повеќе од 3 милиони Сиријци“.
Министерот Акар, подвлекувајќи дека Турција го почитува територијалниот и политичкиот интегритет на сите соседни земји, а не само на Сирија, продолжи со зборовите: „Но сепак, не молчевме пред нападите кои доаѓаа од овие земји врз Турција, нема да молчиме ниту во иднина“.
Акар го истакна фактот дека терористичката организација ПКК во исто време е ЈПГ.
„Терористичка структура која се храни од ист извор. Во Турција и Ирак се вика ПКК, кога ќе премине во Сирија станува ЈПГ“, рече Акар.
Потсетувајќи дека Турција, во борбата против терористичките организации ги организираше офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и операцијата „Маслинова гранка“, министерот Акар продолжи со зборовите: „Во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ неутрализиравме повеќе од 3.000 терористи. Турција е единствената земја која лице в лице се бореше со ДЕАШ. Останатите земји бомбардираа од воздух, гранатираа, но турската Војска беше единствената која со ДЕАШ се бореше лице в лице. Во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, неутрализиравме над 5.000 терористи на ПКК и ДЕАШ. Спроведувајќи две успешни операции, го спречивме формирањето на еден терористички коридор долж јужната граница. И во двете операции покажавме особено внимание, со цел да не им се наштети на цивилите, околината, верските и културните објекти, внимание што ниту една друга држава не го покажа“, нагласи турскиот министер за одбрана.
- „Можеме да изнајдеме решение за мир“ -
Зборувајќи за последниот развој на настаните во Сирија, министерот Акар потсети дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на самитот во Иран упатил апел за што е можно поскоро воведување прекин на огнот во Сирија, додавајќи:
„Идлиб е на работ на нова криза. Заедно со Русија, Иран и нашите сојузници, напорно работиме за воведување мир и стабилност во регионот, со цел спречување нова човечка драма. Каква било воена операција, Идлиб, кој и онака е проблематично подрачје, ќе го одвлечка во катастрофа. Во овој период на неизвесност, потребно е да му придадеме големо значење на подобрувањето на соработката меѓу нашите земји. Само со заедничка акција можеме да изнајдеме мирно решение за регионалните и глобалните проблеми. Некои земји велат „ќе реагираме доколку биде употребено хемиско оружје“. Но потребно е да бидеме против убивањето на луѓето и со конвенционално оружје, не само со хемиско. Важно е да се одвојат радикалите од опозицијата. Тоа е период за кој е потребно време. Бомбардирањето на регионот не претставува само страдање на цивилите, туку во исто време е причина за зголемување на радикализмот“.