ДАР АС САЛАМ (АА) - Остатоците во гратчето Багамојо во Танзанија, кој е главниот град на колонијалното владеење на Германците во Источна Африка, го открива насилното и грдо лице на историјата на колонијализмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Гратчето кое е оддалечено 75 километри од танзанискиот град Дар Ес Салам, во еден период бил главен град на колонијалното владеење на една територија, вклучувајќи голем регион на денешна Танзанија, Руанда и Бурунди.
Во ова гратче, каде што започнале првите мисионерски работи, била изградена првата црква во регионот, која по Германците низа години била користена и од страна на Англичаните.
Големиот број турбиња и гробишта во гратчето кои датираат од 13. век, покажуваат колку е старо присуството на исламот во овој регион.
- Гратчето било центар на трговијата со робови и слонова коска -
Багамојо бил еден од главните центри на трговијата со робови, и имал стратешко значење поради тоа што бил блиску до островот Занзибар, а во периодот од 17. до 19. век бил под контрола на Султанатот Оман. По овој период, Багамојо станал еден нов центар којшто ги задоволувал потребите на Европа и на Америка за робови и слонова коска.
Според податоците на музејот на Багамојо, во средината на 19. век, секоја година во ова градче биле донесувани 10.000 каравани со робови од централните региони на Африка.
Робовите во Занзибар биле пренесувани со арапски бротчиња коишто пловат со едро наречени дау, во групи од 200 и од 500 лица.
- На робовите им било давано да јадат од овошјето Garcinia kola -
Робовите кои од централните региони на Африка биле донесувани на брегот, понекогаш патувале со месеци, дури и со години. Изморените и болни робови биле убивани.
На робовите им било давано да јадат овошје од видот Garcinia kola, со цел да можат да издржат и да имаат енергија при патувањето.
Дваесет и три отсто од африканските робови биле однесени во Арабија, Иран и во Индија, 18 отсто во Јужна Африка и во Америка, како и 6 отсто на островот Реинион и Маврициус, со цел да работат во нивите за шеќерна трска на Французите. Во тоа време се зголемила побарувачката во светот за зачини, кафе, кокос, шеќерна трска и ориз, одгледувани во овие региони.
Караван Сарај било место каде што биле држени робовите донесени во гратчето, со цел да бидат транспортирани од Бурунди, Уганда, Руанда и Конго во Занзибар. Во еден дел од една двокатна зграда биле сместени робовите, додека во другиот дел се чувала слоновата коска.
Се верува дека гратчето го добило името од зборот „Багамојот“, којшто на свахилски јазик значи „остави го срцето“.
- Сите кои се побуниле против Германците биле обесени -
По преземањето на овој регион под контрола, Германците гратчето го прогласиле за главен град, и овој град станал администативен центар за управување на сите источноафрикански колонии.
Ебушири б. Салим eл-Харши во 1888 година формирал војска од локални жители и Арапи, но не бил успешен. Поради конфликтите, 5.000 лица биле принудени да се иселат од регионите каде што живееле.
Германците по убивањето на лидерот на Буширите, Ебушири, во 1889 година извршиле големо злосторство во регионот.
Буширите кои биле против германското колонијално владеење, биле колективно бесени.
Денес на местото каде тие биле бесени, изграден е споменик. На 100 метри од овој споменик се наоѓаат и гробиштата на германските војници убиени од страна на Буширите.
Германија во 1897 година изградила една голема административна зграда во гратчето. Ова зграда потоа била користена и од страна на англиското колонијално владеење.
- Двете цркви во регионот -
Мисионерите за првпат во гратчето дошле во 1860 година. Тука била изградена првата црква, каде што во тој период било вршено покрстување.
Мисионерите првата црква ја изградиле во 1872, а првата катедрала во 1908 година.
Тие вложиле големи напори за христијанизирање на жителите на гратчето, кои речиси сите биле муслимани, и добиле голема поддршка од тогашниот султан на Занзибар, Сејид Меџид бин Саид.
Ноел Фиделис Ласвау, директор на музејот, одговорен за германските историски предмети во Багамојо, за АА истакна дека историјата на гратчето датира од 2. век.
Ласвау информираше дека во гратчето живеат жители што го зборуваат јазикот банту, и дека ова место не е користено само за трговија, туку и за воена база.
Исто така, тој нагласи дека народот не сакал да ја предаде својата територија на Германците, и затоа голем број лица кои се побуниле биле убиени.
- Исламско минато кое датира од 13. век -
Остатоците на Каоле, кои датираат од 13. век, се најначајни наследства кои го рефлектираат присуството на исламот во тоа гратче.
Ерик Барака, еден од чуварите на остатоците на Каоле, пренесе дека луѓето од Персискиот Залив со текот на времето се населиле во регионот, и дека првите држави во Источна Африка биле формирани во овој регион.
Барака истакна дека во гратчето живеат голем број странци, и вели дека меѓу овие остатоци била пронајдена и првата џамија.
Исто така, Барака нагласи дека луѓето и денес веруваат дека водата што излегува од бунарот во близина на остатоците е света вода, и ја пијат.
Како што реше Барака, турбето што се наоѓа тука е изградено за потомците на семејството на божјиот пратеник Мухамед.
Гратчето Багамојо, каде што робовите ги „оставиле своите срца“ пред стотици години, денес е меѓу најпосетуваните места од страна на тие кои сакаат да го разберат колонијалното минато на Танзанија.