Besar Ademi,Cuneyt Davut
25 Март 2016•Ажурирај: 25 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Во селото Идомени, кое се наоѓа на грчко-македонскиот граничен премин, околу 12 илјади бегалци продолжуваат да чекаат во мизерни услови за да го продолжат своето патување кон европските земји. Тие во знак на протест од понеделник ја држат блокирана меѓународната железничка пруга која ја поврзува Грција и Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на денешниот ден протестот беше најмасовен, беа поставени шатори, столчиња, дојдоа и лицата со посебни потреби, како и болни деца на меѓународната железничка пруга. Бегалците се чувствуваат заборавени од Европа, бидејќи како што велат Европа ги затвори очите и не се грижи за бегалците.

Ахмед од Ирак, изјави дека протестите имаат за цел да му ги покажат на светот тешкотиите со кои се соочуваат бегалците во Идомени. Тој додаде дека крајно време е, иако премногу доцна, за светот да преземе конкретни мерки за решавање на прашањето со бегалците.
„Ние сме решени да не престанеме со протестот сè додека не се отворат границите. Ние ќе продолжиме да чекаме овде, на ова место и во овие тешки услови. Грчката полиција рече дека тие ќе нè испратат во други кампови, но никој од нас не сака да оди во тие кампови, ние ќе одиме само во Европа”, рече Ахмед.
Од друга страна, Иса од Сирија нагласи дека и бегалците го осудуваат секој вид на тероризам, додавајќи дека протестот има за цел да ги убеди надлежните органи дека тие нема да се повлечат од Идомени сè додека не се отворат границите за да можат да го продолжат нивното патување на надежта.

„Европа нè заборави. Тие не мислат на нас, ниту пак се грижат за нас. Брисел е Европа и затоа кога има експлозија таму, целиот свет се обидува да направи нешто за нив. Овие случаи се случуваат секој ден во Сирија, таму умираат луѓе секој ден. Дали го гледа тоа Европа?”, рече Иса.
Бегалците со блокирањето на меѓународната железничка пруга држајќи различни транспаренти, бараат од Европа да покаже малку човечност и да им помогне на бегалците за да пристигнат во Европа, а не да ги игнорира и да ги враќа назад.