Kemal Karadağ
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, денес изјави дека Турција е одлучна во барањето за испорачување и процесуирање на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО кој е во егзил во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на денешниот уреднички деск на АА, Боздаг коментираше во врска со актуелната ситуација во регионот и во светот.
Тој рече дека Турција решително и опсежно ја води борбата против тероризмот, и дека ќе ја води сè додека не бидат отстранети сите терористички закани по народот и државата.
„Во регионот секој момент може сè да се случи, вклучително и антитерористичка операција во Кандил. Тоа го говоревме и порано“, рече Боздаг.
Кандил е планина на крајниот север на Ирак, која важи за колевка на терористичката организација ПКК, која веќе четири децении води терористичка кампања против Турција.
Во Турција на 24 јуни се одржуваат предвремени претседателски и парламентарни избори, а Боздаг денес изјави дека тоа се историски важни избори, бидејќи по нив Турција ќе премине во претседателски систем на управување кој е одобрен и на минатогодишниот референдум.
„Тој систем ќе донесе поефикасен устав, институции и безбедност, но исто така претставува и осигурување на почитувањето на волјата на народот на Турција“, рече Боздаг.
Осврнувајќи се на денес објавениот извештај на Туркстат за економскиот раст на Турција во првиот квартал од оваа година од 7,4 проценти, Боздаг рече дека тоа е најдобар одговор на сите домашни и странски непријатели кои сакаат економски да ја загрозат земјата.
Тој, исто така, рече дека е уверен дека владејачката Партија на правдата и развојот (АК партија) ќе освои големо мнозинство во турскиот Парламент, и дека нејзиниот кандидат Реџеп Таип Ердоган ќе победи во првиот круг од претседателските избори.
„Сите останати претседателски кандидати и не помислуваат на победа во првиот круг, туку водат пресметки на кој начин да се изборат за втор круг и да се обединат со цел да го победат Ердоган. Таквиот психолошки пристап на противкандидатите покажува дека Ердоган веќе во првиот круг ќе победи“, рече Боздаг.
На прашањето за вонредната состојба која беше воведена во Турција по јулскиот обид за воен удар во 2016 година, Боздаг рече дека тоа прашање ќе биде разгледано по изборите и дека е можно и нејзиното укинување да биде ставено на дневен ред.
„Вонредната состојба не е трајна категорија, туку привремена мерка. Одлуката за укинување на тие мерки ќе ги донесе нашата Влада“, заклучи Боздаг.