Ivana Ramadanova
16 Март 2016•Ажурирај: 17 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Висока делегација од Велика Британија, предводена од министерот за Европа на Велика Британија, Дејвид Лидингтон, денеска оствари средба со вицепремиерот Фатмир Бесими, јавува Anadolu Agency (AA).
Двете страни истакнаа дека соработката меѓу Македонија и Велика Британија се карактеризира со отворен и конструктивен дијалог и со континуирано продлабочување на соработката во повеќе области од взаемен интерес. Посебен акцент се стави на поддршката во однос на напорите за интеграција на земјата во ЕУ, особено во делот на реформа на јавната администрација, како и стратешкото партнерство со Велика Британија, со надеж на плодна соработка во иднина.
Во однос на справувањето со мигрантската криза, Бесими истакна дека Македонија го поддржува координираниот и сеопфатен пристап на Европа во управувањето со мигрантската криза. Во таа насока вицепремиерот Бесими се заблагодари за поддршката на Велика Британија на нашата земја во однос на справувањето со мигрантската криза.
Лидингтон оствари средба и со лидерот на опозициската СДСМ, на која Заев истакна дека за кредибилни избори неопходни се чист Избирачки список и медиумски реформи, а беше и констатирано дека враќањето на демократските институции и процеси во Македонија е важен услов за враќањето на Македонија на евро-атлантскиот пат.
Министерот за Европа на Велика британија се сретна и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочува Македонија пред и после изборите, вклучувајќи ги и Евроатланските интеграции, реформите како и меѓуетничките и меѓусоседските односи.
Ахмети изрази поддршка за работата на Државната изборна комисија истакнувајќи дека институциите треба да му помогнат на ова тело за спроведување на изборите, со надеж дека ниту една политичка партија нема да го спречи изборниот процес.
Во придружба на делегацијата беше и британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет, како и претставници од британското министерство за надворешни работи.