Ivana Ramadanova
14 Март 2016•Ажурирај: 15 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати Телеграма со сочувство до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, премиерот Ахмет Давутоглу како и до граѓаните на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изразувам искрено жалење и длабоко сочувство до вас, до семејствата на загинатите, до повредените, до пријателскиот народ во Турција за грозоморниот терористички напад што ја потресе Анкара, но и светот, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз. Ја споделуваме големата болка за трагичната загуба на десетици лица и на уште стотина повредени во кукавичкиот акт, во којшто жртви на автомобилот-бомба се граѓани на автобуска станица во центарот на Анкара. Најостро го осудуваме терористичкиот напад во Анкара. Никој нема право да ја загрозува сигурноста и безбедноста на граѓаните каде и да живеат. Се солидаризираме во битката на ЕУ и НАТО против тероризмот и поддржуваме интензивирање на соработката помеѓу државите против едно од најголемите зла во светот. Се надеваме дека надлежните органи ќе го расветлат бруталниот инцидент во Турција и дека инволвираните ќе се соочат со правдата. Се ставаме на располагање да помогнеме според нашите можности“, стои во телеграмата.