Hakan Çopur
01 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) изразија задоволство од резултатите на вчерашниот референдум во Македонија и порачаа дека очекуваат целосна имплементација на македонско-грчкиот договор од Преспа, јавува Anadolu Agency (AA).
Според неофицијалните резултати на Државната изборна комисија на Македонија (ДИК), на вчерашниот консултативен референдум за менување на името и зачленување на земјата во НАТО и во ЕУ излегоа 36,11 отсто од гласачите, од кои 91,52 отсто или 501.323 граѓани се изјаснија „за“.
Американскиот Стејт департмент ја поздрави поддршката што ја искажаа граѓаните на Македонија на референдумот за прифаќање на Договорот со Грција и за отворање на вратите за влез на Македонија во Европската Унија и во НАТО.
„САД силно ја поддржуваат имплементацијата на македонско-грчкиот договор, со што Македонија заслужено ќе биде дел од ЕУ и НАТО, а со тоа ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на целиот регион“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Официјален Вашингтон, исто така, им порача на лидерите на политичките партии во текот на парламентарната процедура на усвојување на Договорот со Грција да покажат државнички, а не партиски ставови.
„Ги повикуваме политичките лидери добро да ја разгледаат оваа историска можност што им се пружа за влез на земјата во евроатлантските институции“, порачаа од Вашингтон.