Furkan Naci Top
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
АТИНА (АА) - Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека се „контрадикторни“ резултатите од консултативниот референдум што се одржа во Македонија за Договорот за решавање на проблемот со името, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството првенствено соопшти дека Грција ќе го почитува изборот на народот на соседната земја.
Во соопштението на грчкото Министерство се вели дека резултатите од референдумот се „контрадикторни“, давајќи ја следната констатација: „Огромно мнозинство „ЗА“ без доволна излезност. Голем дел од народот на нашиот сосед даде поддршка за Договорот. Но, значаен дел гледа кон Договорот со сомнеж“.
Во соопштението се вели дека одблиску ќе го следат развојот на настаните во Македонија, додавајќи дека Грција ќе остане посветена на Договорот од Преспа.
Во соопштението, Министерството нагласи дека нема да дозволи национализмот, лажните вести, нетолерантноста и сомнежот да фрлат сенка врз придобивките од Договорот, истакнувајќи дека постои потреба од соработка и демократски дијалог.
Во соопштението се констатира: „Со цел зачувување на позитивниот момент на Преспанскиот договор, потребно е сите страни, без исклучок, да преземат умерени чекори“.
- Телефонски разговор Ципрас - Заев
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, телефонски разговараше со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
Во соопштението што го објави Канцеларијата на грчкиот премиер се вели дена Ципрас му честитал на Заев за одлучноста во спроведувањето на Договорот.
Панос Каменос, министер за одбрана на Грција и претседател на партијата Независни Грци (АНЕЛ), партнер во грчката Влада, на својот профил на социјалните мрежи напиша објава во врска со излезноста на референдумот.
Каменос посочи дека поголемиот дел од жителите на соседната земја не излегле на референдум, истакнувајќи дека резултатите од референдумот се невалидни.
Во врска со прифаќањето на Договорот меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името во „Република Северна Македонија“, на референдумот беше поставено прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“
Референдумот во Македонија за да биде успешен, беше потребно од вкупниот број на избирачи на гласање да излезат 50 отсто + 1 глас. На референдумот што се одржа вчера, излезноста на гласачите изнесуваше околу 36 отсто. Од оние што излегоа на референдумот, 91 отсто гласаа „ЗА“.