Diyar Güldoğan
10 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот суд на правдата денес донесе пресуда дека Велика Британија може еднострано да го откаже процесот за излегување од Европската Унија (ЕУ), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Кога земја членка го известува Европскиот совет за својата намера да се повлече од Европската Унија, како што направи Велика Британија, таа земја членка може и слободно да ја поништи својата одлука која претходно му ја соопштила на Советот“, вели Судот.
Во 2017 година, британската премиерка Тереза Мај го извести Европскиот совет за намерата на Велика Британија да се повлече од блокот од 28 земји членки, повикувајќи се на членот 50 од Договорот за Европската Унија.
„Оваа можност постои сè додека договорот за повлекување склучен помеѓу ЕУ и земјата членка не стапил во сила или, доколку не е склучен таков договор, сè додека двегодишниот период од датумот на известувањето за намерата за повлекување од ЕУ и можното продолжување не истече“, се додава од Европскиот суд на правдата.
Судот ја донесе пресудата еден ден пред најавеното гласање во британскиот Парламент за договорот што го постигна британската премиерка, Тереза Мај, со европските официјални претставници во врска со условите за излегување на Велика Британија од ЕУ.
Правниот тим на Енди Вигман претходно пред судот во Шкотска започна постапка за утврдување дали официјален Лондон има право еднострано да го повлече активирањето на двегодишниот процес за излез од Европската Унија.
Случајот на почетокот на октомври е проследен до Европскиот суд на правдата, кој го разгледа по итна постапка.
Владата на Велика Британија претходно порача дека станува збор за хипотетичко прашање, бидејќи земјата сигурно излегува од Европската Унија најдоцна до 29 март следната година.