Michael Hernandez
10 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - „Не можам да дишам“, се последните зборови на колумнистот на „Вашингтон пост“, кој беше убиен од рацете на саудиските агенти во саудискиот Конзулат во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Си-ен-ен“ (CNN) ги објави последните зборови на Џамал Кашоги, цитирајќи извор запознаен со случајот за неговото убиство. Изворот, наведува „Си-ен-ен“, го прочитал преведениот транскрипт од снимката на убиството на Кашоги на 2 октомври.
Неименуваниот извор истакнува дека станува збор за брутално убиство, а не за убиство кое е почетнички и брзоплето изведено.
Изворот наведува дека Кашоги се борел да ја совлада групата од неколку луѓе во Конзулатот, кои биле решени да го убијат.
„Не можам да дишам“, изговарал Кашоги.
„Не можам да дишам“.
„Не можам да дишам“.
Џамал Кашоги, саудиски државјанин и жител на САД, во саудискиот Конзулат во Истанбул влегол за да земе документи за венчавката со својата свршеница. Но, изворот вели дека транскриптите покажуваат дека тој знаел речиси веднаш штом влегол во Конзулатот дека нешто не е во ред, препознавајќи едно од лицата што го сретнува внатре.
„Ќе се вратите“, вели човекот.
„Не можете да го правите тоа“, одговара Кашоги. „Луѓе чекаат надвор“.
Тој, најверојатно, мислел на Хатиџе Џенгиз, неговата свршеница која чекаше во близина со инструкции да ги повика пријателите доколку тој не излезе.
Изворот наведува дека на транскриптите се споменува пила, што саудиските агенти ја користеле за да го исечат телото на Кашоги на парчиња, а на сторителите им било речено да слушаат музика за да се избегнат звуците од сечењето на телото.
Откако Кашоги кажува дека не може да дише, во транскриптите се наведуваат дополнителни продорни врисоци, зборовите „пила“ и „сечење“.
Д-р Салах Мухамад ал Тубаики е еден од Саудијците идентификувани во транскриптите од страна на турските власти.
Ал Тубаики е раководителот на Судска медицина при саудиското Министерство за внатрешни работи. Тој им кажува на групата поединци да стават слушалки „или слушајте музика како мене“ за да ја избегнат ужасната задача.
Објавувањето на новите информации доаѓа во моменти кога американскиот претседател, Доналд Трамп, и неговите високи функционери продолжуваат да го дистанцираат саудискиот принц Мухамед бин Селман од убиството на Кашоги, и покрај повиците од двете партии во американскиот Конгрес Бин Селман да биде земен на одговорност.
Трамп ја отфрли оценката на ЦИА дека Бин Селман лично е вмешан во убиството на Кашоги.
Канцеларијата на американски сенатор, кој беше запознаен со наодите на ЦИА од страна на директорката Џина Хаспел, изјави дека наводите во врска со убиството кои се дадени за „Си-ен-ен“ се совпаѓале со брифингот на директорката.
Освен Ал Тубаики и Кашоги, во транскриптите експлицитно се споменува само уште Махир Абдулазиз Мутреб, поранешен дипломат и актуелен разузнавач близок на Бин Селман.
Мутреб реализирал голем број повици до поединец во Ријад, кој останува непознат. Но, тој му дава на лицето од другата страна на слушалката континуиран опис на она што се случува во дипломатската зграда.
„Си-ен-ен“ вели дека претпоставка е дека Мутреб зборувал со Сауд ал Кахтани, најблискиот помошник на Селман.
Извор близок до истрагата на Саудиска Арабија за убиството на Кашоги истакнува дека Мутреб и Ал Тубаики негираат какви било повици. Двете лица претходно се пријавени дека се дел од саудискиот „тим на убијци“ испратен во Турција за да го убие Кашоги.