Ekipa
01 Октомври 2017•Ажурирај: 02 Октомври 2017
ЏАКАРТА (АА) - МАХМУТ АТАНУР/АДЕМ ШАЛВАРЏИОГЛУ – Индонезијците при Вендузи терапијата (хиџама) или "капинг терапија" (Cupping therapy), која ја применуваат за лекување на разни заболувања, од болки во грбот до настинки, користат рог од бивол за кого веруваат дека е симбол на силата, пишува Anadolu Agency (AA).
Иако во светот зa оваа терапија, која е еден вид алтернативна медицина, се користи стаклен сад или чаша, во Индонезија се користи и рог од бивол.
Кај терапијата со рог, како и кај терапијата со посебно обликувана чаша, целта е да се извлече воздухот. Разликата е во тоа што рогот подолго ја чува топлината во однос на стаклото, поради што е полесно да ги олабави напнатите мускули.
Меѓутоа, доколку оваа метода не ја спроведуваат стручни лица може да се направат изгореници на кожата.
Многу луѓе во Индонезија, на различна возраст, ја користат оваа метода доколу почуствуваат болки во грбот, замор, настинка, но и за ослободување од стресот.
Пак Исмет е еден од оние што ја изведува терапијата со рог во Џакарта. „Оваа работа ја работам со години. Секој ден им овозможувам на луѓето за 10 долари да добијат терапија со рог. Моите клиенти гледаат корист од ваквата метода, при што често се враќаат“, додава Исмет.
Според него, оваа метода има друга традиција на применување.
Исмет вели дека оваа терапија, не е само лек за многу заболувања, туку може да послужи како вид превенција.
Рогот од бивол на островот Суматра се смета за симбол на силата, и поради тоа се верува дека токму тоа е причината поради која се појавил овој метод на лекување.
Жителите на Суматра го истакнуваат рогот на биволот над влезната врата на домот. Се верува дека колку рогови има во една куќа толку семејството е богато и силно.
Се верува и дека рогот од биволот ги растерува лошите духови, а вендузи терапијата со рог се применува како на Суматра така и на подрачјето на Бали и Малуку.