Ekip
28 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
ЏАКАРТА (АА) - Откако вулканот Агунг на индонезискиот остров Бали продолжи да исфрла голема количина пепел, властите донесоа одлука меѓународниот аеродром „И Густи Нгурах Раи“ (I Gusti Ngurah Rai) да биде затворен за сите летови и во наредните 24 часа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Агенцијата за управување со катастрофи (BNPB) соопшти дека таквата одлука е донесена од безбедносни причини, бидејќи вулканот исфрла пепел и чад и до висина од три километри.
Министерствтото за транспорт на Индонезија вчера привремено го затвори аеродромот во Бали, при што се откажани повеќе од 400 летови, што влијаеше на околу 60.000 патници.
Поради густиот облак од чад и пепел што вулканот ги исфрла веќе неколку дена, индонезиската Национална агенција за природни катастрофи вчера изутрина прогласи највисок степен на предупредување.
Поради опасноста од ерупција, локалните власти издадоа наредба да се евакуираат повеќе од 100.000 жители.
„Центарот за вулканологија и справување со геолошки опасности продолжува да известува за растечката вулканска активност со голема можност за ерупција, но не може да се утврди со кој интензитет“, изјави портпаролот на БНПБ.
Вулканот последен пат еруптираше во 1963 година, кога смртно настрадаа околу 1.100 лица.