Besar Ademi
16 Февруари 2016•Ажурирај: 17 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски денес оствари средба со известителите на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа, при што тема на разговорите беше актуелната политичка криза во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што известуваат од Кабинетот на претседателот Вељаноски, претставниците на Советот на Европа беа информирани за одлуката за распуштање на Собранието, која е резултат на Политичкиот договор за излез од политичката криза.
"Претседателот на Собранието информираше дека одлуката за распуштање е донесена со мнозинство гласови од страна на Собранието и ќе се применува од 24 февруари", се вели во соопштението.
Претседателот Вељаноски искажа уверување дека оценката на ЕУ ќе биде соодветно примена од страна на четворицата лидери на најголемите политички партии и очекува исполнување на договорот на политичките лидери, а со тоа и одржување на изборите на договорениот датум, информираа од Кабинтетот на Вељановски. "Тој истакна дека главната цел е одржување на регуларни и фер избори со учество на сите политички субјекти во земјата. Исто така, ја истакна важноста на законодавниот дом во демократските процеси и смета дека неговото невклучување во преговорите за излез од кризата се покажа како недостаток", пишува во соопштението.
Од Кабинетот на Вељановски информираат дека известителите покажаа интерес за тоа какво влијание ќе има оценката на ЕУ која се очекува да биде соопштена наскоро и какви чекори ќе бидат преземени доколку таа оценка е негативна во однос на подготвеноста на државата за одржување на фер и демократски избори и истата укажува на одложување на датумот на одржување на изборите.
Исто така, се наведува дека известителите "беа заинтересирани за реализирањето на договорот од Пржино од страна на Собранието, притоа споменувајќи ги критиките на опозицијата за делумно реализирање на иститот."
Во рамките на разговорите, Вељановски истакна дека дополнителен предизвик за Република Македонија, покрај политичката,претставува и бегалската криза.
"Претседателот Вељаноски истакна дека дополнителен предизвик за земјата и за Европа е бегалската криза, за која верува дека со заеднички напори со ЕУ, ќе успееме да се справиме. Тој потенцираше дека Република Македонија, која цели кон целосна интеграција во европските институции, ќе ја почитува секоја одлука на Европската комисија, која не е на штета на државата", пишува во соопштението од Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски.