Besar Ademi
27 Август 2016•Ажурирај: 28 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков, на денешната прес-конференција соопшти дека на 12 август оваа година, во полициска акција „Ќелија 3", спроведена во соработка со турската полиција, од слобода биле лишени пет македонски државјани осомничени за членување во терористичка организација ДАЕШ , со намера да учествуваат во војните во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавков истакна дека акцијата беше спроведена од страна на турската полиција во Aксарај, каде што осомничените, тројца од Куманово и двајца од Скопје се наоѓаа во една од просториите каде што се собираат членовите на ДАЕШ.
„Овие лица на организиран начин се обидоа да се приклучат кон терористичка организација. Во собиралиштето осомничените биле сместени заедно со уште четири лица од Албанија, Сирија, Палестина и Maроко кои чекаа за поповолни услови за трансфер во Сирија ", изјави Чавков.
Чавков соопшти дека две лица од Куманово на возраст од 21 и 24 години од граничниот премин Taбановце тргнале за Турција на 22 јули, а три други лица, едно од Куманово и две од Скопје на возраст од 18, 19 и 20 година тргнале за Турција на крајот од минатиот месец од граничниот премин Богородица. Тој додаде дека исчезнувањето на двајца од нив е пријавено во полиција од страна на нивните родители.
Чавков, исто така, изјави дека на 14 август во соработка со Албанската полиција во Тирана е уапсено друго лице по кое се трагаше по меѓународно распишана потерница во рамки на „Ќелија“ и во тек е постапка за негова екстрадиција. Како што информира тој, против 23 лица се води кривична постапка, околу 25 македонски граѓани ги загубија своите животи во овие војни, а 50 други сеуште се во војните во Сирија и Ирак.
- Владина седница за затварање на институциите поврзани со ФЕТО -
Владата на Република Македонија одржа една седница на која се разговараше за затворање на институциите во Македонија кои имаат врска со терористичката организација ФЕТО. Чавков кој исто така учествуваше на седницата рече дека Македонија дава силна поддршка за легитимните институции избрани во Турција, а за затворањето на институции поврзани со ФЕТО, рече дека ќе се бараат правни и законски механизми за да се постигнат тие цели.
„Република Македонија и Република Турција се пријателски држави и имаме стратешки договор за соработка и партнерство. Практично, суштината на тоа што беше разговарано, дискутирано или заклучено е на линија на поддржување на легитимно избранитеинституции во Турција. Тоа што значи почитување на волјата на граѓаните на Република Турција и во таа линија и во тој контекст ќе биде и нашето однесување како држава и понатаму", рече Чавков.