Furkan Naci Top,Mehmet Hatipoğlu
15 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
АТИНА (AA) - Претседателот во заминување Барак Обама во вторник се состана со грчкиот премиер Алексис Ципрас и во таа прилика порача дека Грција треба да продолжи со почнатите реформи, додавајќи дека граѓаните на таа медитеранска држава треба да почувствуваат економски напредок и во секојдневниот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мерките на штедење не би требало да се гледаат како единствена стратегија. Грчкиот народ треба во сопствените животи да види и да почуствува подобрување", рече Обама на конференцијата за новинарите по денешниот состанок.
Нагласи исто така дека е многу важно Меѓународниот монетарен фонд да го ублажи долгот на Грција.
„Ќе продолжам и понатаму да апелирам на кредиторите да преземат потребни чекори за да и помогнат на Атина на патот кон економското опоравување", истакна Обама, додавајќи дека Грција ги исполни потребните обврски во врска со реформите и нагласи дека граѓаните на Грција во последните неколку години се соочија со бројни економски и финансиски предизвици.
„Наместо нови преговори во текот на наредните шест месеци или во текот на целата година, двете страни треба да бараат можност за постигнување на трајно решение. Можеби е вистинско време за тоа сега, додека грчката економија расте", рече Обама.
- „И мене ме изненадија резултатите од изборите.
На новинарско прашање за резултатите од неодамна одржаните избори за претседател на САД истакна дека и самиот бил изненаден со конечниот исход.
„И мене ме изненадија резултатите од изборите. Јас сепак не се чувствувам одговорен поради она што некој друг го говори или прави. Но се чувствувам одговорен за да обезбедам мирна транзиција на власта. Постои можност луѓето да сакаат промени, иако можеби со сигурност не знаат што тие промени ќе донесат", рече Обама.
Ципрас на присутните им рече дека Обама до сега играл многу важна и конструктивна улога во преговорите на Атина со меѓународните кредитори.
„Претседателот Обама на нашата влада и пружаше политичка поддршка во критичните моменти за да постигнеме позитивно решение. Така донесувавме исправни одлуки", рече грчкиот премиер.
Истакна дека Грција прави големи напорди за повторно како што рече да ја „изгради својата економија".
„Се спасивме од катастрофа и денес повторно ја градиме нашата економија. По долги години дојдовме во фаза да можеме да ја развиваме. Во тој контекст, посетата на Обама во Атина и Берлин ја гледам како многу важна , а не само како симболичен чин", рече Ципрас.
Двајцата лидери во текот на состанокот разговараа и за економската ситуација во Грција, регионалните прашања како и за односите на Грција и Турција.
Потсетуваме, претседателот во заминување Барак Обама стаса утрово во Атина во рамките на прошталната турнеја. Вториот ден од посетата на Грција Обама по посетата на грамот Партенон, ќе одржи говор за демократијата и глобализацијата пред да тргне за Берлин каде ќе се состане со некои европски функционери. Турнејата ќе ја заврши со посета на Перу каде што ќе присуствува на форумот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) пред сабота каде се враќа во Вашингтон.